Со усвојувањето на буџетот на Град Скопје за 2026 година, започнува конкретна реализација на деветте темелни политики за развој

Со усвојувањето на буџетот на Град Скопје за 2026 година, Советот, според неговиот претседател Даме Димитровски, започнува конкретна реализација на деветте темелни политики за развој на градот најавени во изборната кампања. Буџетот, вреден 5,2 милијарди денари, е донесен со поддршка од сите советници и, како што вели Димитровски, претставува пресвртница во начинот на кој се управува со главниот град.

-Ова е моментот кога ветувањата стануваат реалност. Буџетот на Град Скопје за 2026 година е доказ дека кога има визија и ред, резултатите се неизбежни. Со поддршка од сите советници, ја започнуваме преродбата на нашиот град, вели Димитровски.

Во фокусот на новиот буџет, според него, е воведувањето на вистински „Зелен буџет“, со речиси двојно зголемени средства за животната средина. Предвидено е откочување на проектот за поставување фотоволтаици во училиштата, како и инвестиции од 210 милиони денари во јавното зеленило, како дел од мерките за справување со загадувањето.

Инфраструктурата е издвоена како посебен приоритет

Инфраструктурата е издвоена како посебен приоритет, со 1,7 милијарди денари наменети за капитални инвестиции. Буџетот предвидува реконструкција на клучни булевари и улици, со нагласен акцент на безбедноста во сообраќајот. Обезбедени се средства за сообраќајна сигнализација и за проекти со кои програмите „Визија Нула“ и „Safe to school“ треба да се спроведат директно на терен.

Дополнително, планирани се 90 милиони денари за уредување детски катчиња, паркови, фитнес зони и пешачки патеки, со цел јавниот простор повторно да им се врати на граѓаните. Како што посочува Димитровски, целта е Скопје да биде град во кој движењето е слободно и безбедно за сите.

Образованието, според него, останува еден од темелните приоритети. Со зголемување на буџетот за 7,5 проценти, се обезбедуваат нови спортски терени, ИТ опрема, како и униформи за сите средношколци во прва година, што за првпат се воведува на градско ниво. Буџетот предвидува и изградба на ново училиште, како дел од стратегијата за вложување во младите.

Поддршката за културата е двојно зголемена, со цел да се зачува проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“. Истовремено, се планира јакнење на безбедносните капацитети преку вработување на 30 нови пожарникари и набавка на современа опрема.

Димитровски нагласува дека станува збор за буџет кој се темели на одговорност и финансиска консолидација, додавајќи дека граѓаните очекуваат функционални решенија, а не импровизации. Според него, со јасен план и со предвидените 5,2 милијарди денари, Скопје добива можност по подолг период повторно стабилно да застане на нозе.