Сведоци сме дека ништо не е преземено и дека владата едноставно спие, не знам дали и воопшто е писмена заради тоа што ние го работевме е ставено на хартија и може во секое време да се дојде до тој документ за да може да се примени. Неговата примена значи дека сите овие проблеми кои што ги имаат земјоделците да се решат, вели Љупчо Димовски, пратеник и претседател на СПМ дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, на дебатата насловена „Важно е македонските земјоделци да ја хранат Македонија“ во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“ денеска во Крива Паланка, во однос на последиците од климатските промени во земјоделството и студијата на Светската банка за храна и Министерството за земјоделство од 2012 во која се предложени и мерки за заштита за да се превенираат проблемите во земјоделството.
„Во врска со оризо производството и околу оризот, како што бараат земјоделците да биде ставен во листата на стратешки земјоделски култури, нашата пратеничка група на коалицијата Обнова на Македонија, има предложено измени во два закони. Законот за земјоделство и рурален развој каде што покрај јачменот, пченицата и оризот е дефиниран како земјоделска култура која што треба да има посебно значење од државата и вторите измени се во Законот за работа на Агенцијата за стокови резерви во кој што се задолжува да работи со оризот, како земјоделска култура и да има третман на стратешка култура. Тие два закони не се ставени на дневен ред, тоа е односот на мнозинството, на Социјалдемократскиот сојуз, на владата, на министерот кон проблемите со кои што се соочуваат оризо производителите“, рече Димовски кој воедно е и поранешен министер за земјоделство.
Димовски се осврна и на производството на сончоглед за масло за јадење при што напомена дека пред две години со започнувањето на ковид кризата бевме соочени со фактот дека ние за 90 посто го имаме намалено производството на сончеглед како суровина за производство на масло за јадење и од таму имавме дефицит и моравме, бидејќи сме увозно зависни од тоа масло, да го увезуваме а без притоа да ги користиме нашите преработувачки капацитети.
„Се воведе една мерка со која што се стимулираа земјоделците, кои што очекуваа коректен однос од преработувачите на сончогледот, дека ќе имаат и добра откупна цена. И се започна, минатата година имавме производство на сончоглед, имаме производство на масло за јадење. И пред извесно време се случи сончогледот е ставен, наместо со повластената даночна стапка од 5% на 10%, а е стратешка култура за производство на масло за јадење со кое што, преку домашното производство сакаме да го спречиме увозот на странско масло за јадење. Тоа е нелогичноста на политиките што владата ги спроведува и во делот на производството на храна. Еве ја целата хипокризија на власта излезе на површина, со тоа што стратешката суровина за производство на домашно масло за јадење на оданочува со 10%“, истакна Димовски.
Димовски се осврна и на субвенциите за земјоделците при што напомена дека до 2014-2015 година, врз основа на вкупниот обем на извоз на земјоделски производи и храна од Република Македонија надвор на странските пазари, целиот девизен прилив кој што влезе во државата, кога ќе се собере, ги оправда вложените средства во субвенциите кои што државата во претходниот период од десетина години ги распредели кај земјоделците, ситуација што денес, за жал, ја немаме.