Сојузот на синдикати на Македонија е во интензивни преговори со сите засегнати страни, како во овој кризен период да се дојде до најоптимално решение и да се покачи платата во јавниот и приватниот сектор.
-Работиме и сме обврзани согласно Законот за минимална плата да обезбедиме поголема плата за сите работници, да се најде прифатливо решение од кое бенефит ќе има работикот а нема да биде оштетен работодавачот и државата како социјален партнер, вели претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
Димовски е оптимист дека решение ќе се изнајде и за покусо време согласно пропишаниот законски рок од шест месеци, а еден од предлозите на кои работат е линерано зголемување за сите работници.

Лидер: Минималната плата се зголеми од 1 март, меѓутоа вие не застанувате тука, како што најавивте продолжувате и со вашето барање да се зголемат платите согласно минималната плата и во јавниот и во приватниот сектор. Со оглед на економската криза, воениот конфликт во Украина, растот на трошоците на живот, како во овие услови ќе барате покачување на платата кога и работодавачите се соочуваат со криза?

-Во право сте. Ние како синдикат веќе активно разговараме, како со народните избраници во Собранието така и со Организацијата на работодавачи, исто така се разговара и со претставници од комуналниот сектор, градежниот сектор, Министерството за труд и социјална политика. Ние сметаме дека е неопходно баш во овој период во време на економска, здравствена, енергетска, нафтена криза и војната во Украна, растот на цените во продавниците, маркетите , пазарите, дека треба да му се излезе во пресрет на работникот.
Сметаме дека треба да се примени законското решение за примена на минимална плата, член 8, каде што вели скалесто зголемување на платите. Како Сојуз на синдикати, заедно со претседателите, органите и телата, веќе разговараме како тоа ќе се случи за да не направиме негативни финансиски импликации врз работодавачите, компаниите, претпријатијата и установите каде што работиме и тоа да биде едно одржливо решение.
Ние како ССМ во најскоро време ќе излеземе со став, бидејќи сеуште се консултираме како со синдикатите во приватниот така и со синдикатите во јавниот сектор, со едно решение кое сметам дека би било прифатливо, а тоа би било линеарно зголемување на сите плати.
Не можам сега во моментов да го откријам, бидејќи се работи на него, но сметам дека она што во моментов ние како идеја го разработуваме, како законско решение кое може да помине без дополнителни финансиски импликации врз работодавачите и на државата како трет социјален партнер и тоа би било прифатливо за нас.
Се размислува , еве да откријам 50 проценти од идејата пред да излеземе со јасен став, се работи за линерано зголемување на платите за одреден износ за сите работници без разлика на кое работно место работат.

Лидер: Сепак, како синдикат не отсапувате од зголемувањето на платите и во јавниот и приватниот сектор?

-Ние како сериозна организација, како ССМ сметаме дека треба да се почитува законот, а законот е јасен. Зборувам во делот на минималната плата дека треба да има пораст на сите плати со порасот на минималната плата и ние ќе го примениме тоа законско решение. Бидејќи ако ние како граѓани, како држава не го почитуваме законот, тогаш што очекуваме понатаму од државата!?
Затоа многу претпазливо го решаваме овој “проблем“ посебно со последните случувања со војната во Украина и со ова што ни се случува како дополнителна економска криза по основ на овој воен конфликт.

Лидер: Дали мислите дека ќе го изменаџирате покачувањето на платите согласно законот за минимална плата во рок од 6 месеци?

-Ние сметаме дека ќе го изменаџираме покачувањето многу порано од шест месеци. Бидејќи активно разговараме со сите чинители во општеството, како во приватниот така и во јавниот сектор. Секојдневно во Сојузот на синдикати на Македонија работиме на заеднички прифатливи и егзенстиционаллни опции, како за работникот така и за работодавачите, но и за државата, додава Димовски.