Прогресивниот синдикат на образованието при ССМ целосно застанува зад правата на работниците во образованието и го поддржува штрајкот што го заговара СОНК само доколку е вистински и раководството има чесни намери.

Професор Владо Димовски кој е дел од ПСО се сомнева дека СОНК ќе истрае докрај, не ја исклучува можноста тој да биде прекинат неколку денови пред неговото оддржување а просветарите повторно да бидат “пренесени жедни преку вода“.

Вели, СОНК и пред да имаат средба со Владата собирале потписи за штрајк. Доколку СОНК чесно и правилно го спроведуваше колективниот договор кој го има потпишано со Владата од пред десеттина години и ако не им правеше отстапки на владите со разни спогодби денес во овој момент платата на просветните работници ќе изнесуваше 45.000 денари без протести и штрајкови.

ПСО се залага за итно спроведување на Законот за минимална плата и скалестото зголемување на останатите плати а има и изготвено издржана анализа за сите работни места во образованието како да се зголемува платата.

ПСО работи активно на терен за подбрување на стандардот на просветните работници. Нас политиката не ни е блиска ниту ни е приоритет во работењето, додава Димовски и вели дека образованието е на многу ниски гранки, времето за будење скоро и да не прегази затоа што и во образованието и во синдикализмот се практицира политиката.

Лидер: На 11 април СОНК влегува во генералн штрајк. Околу 30 000 членови нема да држат настава во училиштата и да згрижуваат деца во градинките. Дали Прогресивниот синдикат на образованието – ПСО го поддржува штрајкот на СОНК?

-Прогресивниот синдикат на образование е и секогаш ќе биде на страната на работниците во образованието. Донесувањето на законот за минимална плата кој го изготви и предложи ССМ во чиј состав е и ПСО гарантира најниска плата и скалесто зголемување на останатите плати на огромен број работници во јавниот и приватниот сектор. ПСО секогаш ќе поддржува активности за правата на работниците во образованието. Штрајкот кој го заговара СОНК доколку е вистински и со чесни намери и ако не го прекине ден пред одржување како и неколку претходни договарајќи се зад затворени врати со било која влада, секако дека ќе има поддршка од голем број на наши членови кои веќе се на списоците кои СОНК со притисоци ги правеше изминатиов период. ПСО нема ни да проба да им го ускрати правото на вработените во образованието да се борат за своите права без разлика кој организира протест или штрајк но се плашиме дека повторно и повторно ќе бидат пренесени жедни преку вода како и многу пати до сега од страна на СОНК.

Лидер: СОНК бара минималната плата во државата да биде основица за пресметка на плата по коефициент на сложеност. Според таа пресметка, нето-плата на наставник би требало да биде 43.000 или 44.000 денари. Дали ова се рални барања на СОНК?

-Секое барање за подобрување на стандардот и достоинството на просветните работници е легитимно право на секој а и на синдикатите, но доколку е тоа искрено и издржано со одредени точни анализи. СОНК на штета на просветните работници неколку пати до сега има организирано па откажувано штрајкови за зголемување на платите, неколку пати до сега има потпишувано спогодби со министрите за образование на штета на просветните работници. Има потпишувано спогодби со коефициент 1 понизок од минималната плата (спогодба од 28.12.2019 г.), потпишана од Претседателот на СОНК и министерот за образование. Потсетуваме и укажуваме дека иако минималната плата е од 15.194 денари за 2021 година, СОНК потпишал Спогодба со која износот на најниската плата за најнизок степен на сложеност на работни места изнесува 14.759 денари во бруто износ (10.000 денари во нето износ што е на ниво на минимална плата од 10.080 денари во 2018 година) што е многу помалку од минималната плата за тој период која изнесува 22.146 денари бруто износ на минимална плата и свесно дозволиле одредена категорија на работници во образованиетода бидат под минималната плата што е незаконски, а сите други да земаат усогласување на платите помало од зголемувањето на минималната плата поради тоа што пресметковната единица вредност е утврдена на понизок износ односно на 10.000 денари нето од износот на минималната плата од 15.194 денари за 2021 година.Со ова СОНК ставил потпис на спогодба за усогласување на платите со промена на минималната плата согласно колективниот договор која пак е спротивна на членот 8 од Законот за минимална плата и не го овозможил законското усогласување а со потписот на спогодбата СОНК овозможил да не се применува членот 8 од Законот за минимална плата на штета на огромен број на работници во образованието кои се и членови на СОНК. Доколку СОНК чесно и правилно го спроведуваше колективниот договор кој го има потпишано со владата од пред десеттина години и ако не им правеше отстапки на владите со разни спогодби денес во овој момент платата на просветните работници ќе изнесуваше 45.000 денари без протести и штрајкови.

Лидер: Што предлагата вие како Прогресивен синдикат на образованието?

-ПСО ќе се држи и залага за итно спроведување на Законот за минимална плата и скалестото зголемување на останатите плати а има и изготвено издржана анализа за сите работни места во образованието како да се зголемува платата. Во моментов се работи анализата за средното образование и градинките (за основното е веќе изработена). ПСО ќе излезе за многу краток период и ќе ги претстави на јавни расправи пред просветните работници своите анализи, ќе повика јавно да се пријават просветни работници за составување на пообемен тим од практичари во наставата за преговори и притисок на институциите за враќање на достоинството на просветните работници а со тоа и драстично подобрување на животниот стандард на просветните работници. Кога велам пообемен тим зборувам за тим од 30 до 40 работници од образованието од сите профили кои ќе имаат можност директно да преговараат сите заедно со институциите. Впрочем тоа е искуство од работата на тимот од просветни работници кој ги изготви измените и дополнувањата на законите за основно и средно образование во кој тим учествуваа и претставниците на СОНК но потоа не се осмелија као единствен синдикат да се организираат за донесување на тие закони кои гарантираа подостоинствена работа и повисоки плати на работниците во образованието. Овај пат тоа ќе биде тим кој до крај ќе се избори за правата на просветните работници.

Лидер: Иако по преговорите СОНК-Влада, од Владата излегоа со соопштение дека договорен е континуиран дијалог до постигнување заеднички договор, сепак синдикалците се одлучија за штрајк. Според Вас, дали СОНК во моментов е поголем “политичар“ од власта?

-Кога веќе во секое од прашањава се споменува СОНК морам да ви кажам дека СОНК и пред да има средба со Владата веќе собираше потписи во сите образовни установи за штрајкување. Тоа не е никаква тајна списоците ги имаат повеќе просветни работници а не само СОНК. Сметам дека средбата со премиерот и министрите од владата беше само замајување на членството и купување време за пазар со Владата. Ние не се пазариме нити се закануваме. Ние работиме на терен и правиме издржани анализи кои се аргумент и основа за подобрување на стандардот на просветните работници. Нас политиката не ни е блиска ниту ни е приоритет во работењето. Образованието и синдикалното движење во Македонија во изминативе дваесеетина години ни е на многу ниски гранки, поготово образованието и времето за будење скоро и да не прегази затоа што и во образованието и во синдикализмот се практицира политиката. Тоа е веќе видена работа со потпишување на меморандуми за поддршка за избори од страна на СОНК и други здруженија со политичка партија пред едни избори.

Лидер: Во јавноста се остава впечаток дека наставниците штрајкуваат исклучиво за покачување на нивните плати. Училишните врати никогаш не се затворија за подобар квалитет во наставата, за поголеми средства за наука и истражување, поголеми вложување во спортот, инфраструктурата…Од друга страна се поставува прашањето каков кадар им предава и ги описменува нашите деца? Дали наставниците ги ставаат личните интереси пред основната дејност која ја имаат?

-Анализите кои ги работат просветните работници од ПСО а има доста и кои не се членови на ПСО не се однесуваат само на платите во образованието. Анализите опфаќаат многу повеќе сегменти од образованието поаѓајќи од концептите во образованието, наставните планови и програми, учебниците и учебните помагала, трансформациите на наставниците од определено на неопределено работно време па се до враќање на достоинството на просветните работници и квалитетот во наставата кои се негде изгубени низ изминативе 20 до 25 години.

Лидер: Дали децата во овој случај се “искористуваат“ и преку нивното ускартување на правото на образование најбрзо се стига до договор СОНК-Влада?

-Децата во градинките кои се споменуваат во говорите на претставниците на СОНК и учениците не треба и не смеат да бидат инструмент на никаква организација за барање на права на просветните работници. Образованието во Македонија и така и така е на последното скалило што може да се види од натпреварувањата на меѓународни настапи па уште и пред скоро крај на учебната година да бидат злоупотребени преку нечии лични препукувања и желби за опстанок тоа не е нити чесно нити грижа за квалитетно образование на децата. Ако раководството на СОНК мисли дека преку искористување и скратување на правото на образование на учениците најбрзо ќе стигне до своите лични цели нека им служи на чест како просветни работници, вели професор Владо Димовски во интервјуто за Лидер.