Навистина ова е голем проблем, за жал, ние се уште го немаме изнајдено соодветниот модалитет и затоа се уште имаме дојави. Затоа што не сме го нашле модалитетот, интензитетот на дојавите за бомби расте, вели во интервју за Радио Слободна Европа професорот од Факултетот за безбедност, Злате Димовски
Тој вели дека дојавувачите стануваат дрски бидејќи не можат да бидат откриени, па затоа пред скоро време имаше и дојава за бомба во претседателската резиденција која е високо обезбедена. Тие се охрабрени од тоа што не можат да бидат најдени и што не можат да бидат спречени од нивните намери, па затоа секојдневните дојави за бомби во училиштата и институциите продолжуваат со ист интензитет.
Дојави за бомби имаше и во регионот, а професорот Димовски вели дека најверојатно тамошните власти изнашле модалитети и преку провајдерите успеале да ги попречат овие дојави.
„Очигледно дека ќе мора на државно ниво да се реагира и да се побара нивно искуство, нивно знаење и вештини, коишто тие ги применија во тој контекст, за да се добијат такви податоци како да се постапи и нормално истиот тој модалитет да се примени и кај нас, затоа што го имаме речиси истиот начин на дојави за поставени бомби“,вели Димовски за РСЕ.
На новинарско прашање дали е добра пракитката која навидум се користи во Србија, односно неинформирањето на јавноста доколку има бомби е добар пристап, професорот вели дека е добар, но би било надвор од разумот тоа да се прави кај нас, кога тоа се случува кај популацијата која најмногу нè засега.
„Овој принцип е добар, меѓутоа навистина би било надвор од разумот да го правиме тоа, кога на очиглед имаме дека тоа се случува пред нас. Се случува кај нашите деца и во одредени јавни институции, и да јавиме и да не јавиме, најголемиот дел од граѓаните повторно ќе дознаат. Целта на оние што го прават ова е фактички добивање на повеќе гласност, таа фама да се шири, и едноставно да го постигнат тој ефект на страв. Постигнат е тој ефект на страв и тие се охрабрени“, вели Димовски.
Дојавувачите едноставно сакаат ширење на тие гласини, а тие гласини веќе длабоко продираат во нашата свест и со тоа постигнуваат одреден негативен психолошки ефект кај нас, заклучува професорот.