Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари работна средба со новоназначениот специјален пратеник на Министерството за надворешни работи на Унгарија за Западен Балкан, амбасадорот Андраш Клеин. На состанокот беа разгледани билатералните односи и тековните регионални процеси.

За време на средбата беше изразено взаемно задоволство од континуираниот развој на односите и одличната соработка меѓу двете држави, кои во текот на 2025 година беа официјално подигнати на ниво на стратешка соработка меѓу двете влади. Дипломатите ја потврдија заедничката заложба за натамошно интензивирање и продлабочување на партнерството во сите области од заемен интерес.

Посебен фокус во разговорите беше ставен врз потребата од кредибилен и динамичен процес на проширување на Европската Унија, што претставува клучен поттик за јакнење на стабилноста, спроведувањето на реформите и економскиот напредок на земјите од Западен Балкан. Во таа насока, беше искажано очекување за продолжување на континуираната унгарска поддршка за европската перспектива на регионот.

Соговорниците разменија мислења и за севкупните безбедносни состојби на Западен Балкан, нагласувајќи ја силната посветеност кон зачувување и зацврстување на регионалниот мир, стабилноста и безбедноста во услови на актуелните глобални предизвици.