На состанокот ЕУ-Западен Балкан денеска во Брисел ќе се разговара за кандидатите за претседавање со ОБСЕ во 2024 година. На состанокот со кој претседава Жозеп Борел, висок претставник на Унијата за надворешни работи и безбедност, ќе се зборува и за позициите на земјите-членки на ЕУ за кандидатурите.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи изрази надеж дека оваа недела ќе се решат дилемите, но доколку не, одлуката можеби ќе биде донесена во Скопје. Неизвесно е присуството на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје, бидејќи се уште нема потврда.
-Ние ги процесуираме барањата на сите членови на руската делегација за визи и за доаѓање во Северна Македонија. Во моментот кога ќе имаме решение сигурно ќе информираме, посочи министерот Османи.
Османи минатата недела на средба со новинарите рече дека добил писмо од рускиот министер Лавров во кое покажал интерес и барање да се обезбеди негово присуство во земјава,
Македонскиот воздушен простор е затворен за руски државни авиони, што претставува предизвик за присуството на Лавров. Министерскиот состанок на ОБСЕ, на кој се очекува да има 76 делегации од земјите членки и партнери, ќе се одржи во Скопје од 29 ноември до 1 декември со околу 1.000 гости.