Пациент од Одделот за осудени лица во Психијатриската болница Скопје почина по физичка пресметка со друг пациент – случајот е под истрага

Директорот на Психијатриската болница Скопје, Хиса Авдулаи, изрази длабоко жалење за трагичниот настан во кој животот го загуби пациент.

Случајот се случил на 5 август 2025 година, во Одделот за лекување на осудени лица при установата.

Околу 00:50 часот настанала физичка пресметка меѓу двајца пациенти, по што еден од нив, маж на возраст од 62 години, бил повреден.

Ја информирам јавноста дека во раните утрински часови на 5 август 2025 година, во Одделот за лекување на осудени лица при ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“, се случи несреќен настан со трагичен исход. Околу 00:50 часот дојде до физичка пресметка помеѓу двајца пациенти, при што едниот од нив, пациент на возраст од 62 години, беше повреден. Медицинскиот персонал веднаш интервенираше и повика Итна медицинска помош. Пациентот беше пренесен на Универзитетската клиника за ТОАРИЛУЦ, каде, и покрај укажаната лекарска грижа, му беше констатирана смрт – изјави за МИА директорот Авдулаи.

Настанот бил веднаш пријавен до Министерството за внатрешни работи. Надлежните служби, вклучително и дежурен јавен обвинител, извршиле увид на лице место.

Според Авдулаи, во тек се сите потребни постапки за целосно расветлување на случајот.

Директорот потврди дека Психијатриска болница Скопје целосно соработува со истражните органи.

Другиот пациент, кој бил вклучен во пресметката, сега е под постојан полициски надзор, по насока на јавниот обвинител.

Во свое име и во име на установата, изразувам длабоко жалење за настанот и упатувам искрено сочувство до блиските на починатиот пациент – изјави Авдулаи.

Од Психијатриска болница Скопје најавуваат дека ќе се преземат сите неопходни мерки за спречување на слични инциденти во иднина.

Извор: Канал5