Денеска на полноќ истекува рокот што ССМ и го даде на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска да го разреши директорот на скопски „Водовод и канализација“, а во спротивно вработените ќе излезат на штрајк.
Претседателот на ССМ, Дарко Димовски дури и обелодени дека против Митовски имало судски пресуди и дека имал и лежено во затвор.
-Човечките односи меѓу директорот и работниците се нарушени, а верувам дека деновиве ќе излезат и други недоследности за директорот Марјан Митовски кој има сериозни судски пресуди, дури тој директор има лежено во затвор за напад и нанесување на телесни повреди со нож на друго лице, рече Димовски.
По вчерашната најава на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) дека ќе побара од Министерството за труд и социјала лице да се јави во улога на помирувач за да се изнајде решение во ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска истакна дека доколку од ССМ достават барање за медијација, МТСП ќе одреди медијатор кој што ќе се обиде да го реши проблемот преку медијација.
– Доколку ССМ достават барање за медијација, секако дека ќе постапиме согласно Законот и ќе одредиме медијатор, кој што ќе се обиде да го реши проблемот преку медијација за да може штрајкот во ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје да биде ставен во мирување се додека не се изнајде решение, рече Тренчевска на настанот по повод презентирањето на мерката „Поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции“ од Оперативниот план за активни програми и мерки за 2022 година.
Митовски е кадар на Арсовска и го назначи по разрешувањето на поранешниот директор Златко Перински од ВМРО- ДПМНЕ кого го обвни за самоволие и влијание на милионски тендер за пречистителна станица.