Директорот на топланата Скопје Север, Куштрим Рамадани, во телефонски разговор со пцовки и навреди ѝ се обраќаше на новинарката на МКД.мк Катерина Додевска, која ја работеше темата за дозволите на топланата. Откако беше консултиран и коректно му беше пренесена изјавата во објавениот текст дека топланата Скопје Север работи на мазут, но без дозвола, се јави и наместо да реагира за својата изјава, со пцовки и со висок тон ѝ се обраќаше на новинарката на МКД.мк. Пцовките, викањето и заканите од Рамадани се пријавени во новинарските здруженија, а во продолжение ќе следуваат истражувања за спорното работење на топланата Скопје Север.

Редакцијата на МКД.мк го објавува разговорот што е во јавен интерес. Темата што ја работевме се однесува на прашања од еколошки карактер и опасности за здравјето на граѓаните. На топланата Север не ѝ е познат квалитетот на мазутот и мерењата на штетните материи што се испуштаат во воздухот.

Разговорот во кој директорот неколку пати ја пцуе новинарка

Г. Рамадани: Кај пишува дека работиме на своја рака?!

Новинарката: Ви кажувам дека како што Ве консултирав Вас, ги консултирав и од Град Скопје, од другата страна.

Г. Рамадани: И што?!

Новинарката: Како што? Вашата изјава дали е во ред?

Г. Рамадани: Дека работиме на своја рака?!

Новинарката: Вашата изјава дали е во ред?

Г. Рамадани: Мојата е во ред, кај кажав дека работиме на своја рака, пи*ка ти материна!

Новинарката: Молам?

Г. Рамадани: Кај пишува дека работиме на своја рака?

Новинарката: Јас не сум Ве цитирала во Вашата изјава дека Вие кажувате дека работите на своја рака?

Г. Рамадани: Насловот, од кај го извадивте тоа, пи*ка ти материна.

Новинарката: Господине Рамадани…

Г. Рамадани: Матер ти еб*м…

Новинарката: Значи, во Вашата изјава не пишува такво нешто и Вашата изјава е пренесена како што треба. Насловот е цитиран од друг извор.

Г. Рамадани: Ви плаќаат таму да пишувате, ве плаќаат, ве плаќаат!

Новинарката: А кој ме плаќа мене? Кој Ви дозволува на Вас како директор да се обраќате со пцовки кон новинар?

Г. Рамадани: Ве плаќаат!
Новинарката: Како може да се обраќате со пцовки кон новинар кој коректно Ви се јави и Ви пренесе изјава?

Г. Рамадани: Коректно, Вие сте коректни?!

Новинарката: Да, точно, ние сме коректни?

Г. Рамадани: Ти си коректна?!

Новинарката: Да, точно. Изјавата прочитајте ја, во неа ниту еден збор, ни додаден, ни одземен, од Вас е. Во текстот, во насловот односно…

Г. Рамадани: Кај пишува дека работиме на своја рака, од кај го земавте тоа?

Новинарката: Од брифинг од друг извор, кој немам обврска да го откријам.

Г. Рамадани: А бе кои сте вие да пишувате таков наслов?!

Новинарката: Ние го пишуваме насловот врз основа на наши извори.

Г. Рамадани: Ќе ве тужам, да знаете!

Новинарката: Ако мислите дека имате основа за тужба, слободно.

Г. Рамадани: Не мислам, 100 посто!

Новинарката: Добро, во ред.

Г. Рамадани: Ќе видиш, ќе видиш!

Новинарката: Какви се овие пцовки и закани?

Г. Рамадани: Ќе видиме, ќе видиме, да знаеш!

Во нашата држава последното истражување на ПИНА покажа дека над 80 отсто од новинарките се соочиле со вознемирување. Редакцијата на МКД.мк нема да запре и ќе остане на висина на задачата за прашањата од јавен интерес, и како и до сега ќе работи професионално.