Директорот за комуникации на британскиот премиер Кир Стармер, Тим Ален, поднесе оставка, задавајќи нов удар врз раководството на лабуристичката влада во Лондон, поради скандалот околу врската меѓу Џефри Епстин и поранешниот британски амбасадор во САД, Питер Манделсон, објавија светските агенции.

Во исто време, портпаролот на Стармер посочи дека премиерот нема намера да поднесе оставка од својата функција и е посветен на својата работа за донесување промени во земјата.

„Одлучив да се повлечам за да се овозможи формирање нов тим на Даунинг стрит 10“, рече Ален во кратка изјава.

Тој ја напушта својата функција помалку од 24 часа по оставката на шефот на кабинетот на премиерот, Морган МекСвини.

Ален, кој ја извршуваше функцијата околу пет месеци, им посака успех на премиерот и на неговиот тим.

Стармер, исто така, треба да се сретне со пратениците на лабуристите подоцна денеска, поради растечкиот притисок од страна на партијата.

Вчера, Морган МекСвини поднесе оставка поради неговата улога во назначувањето на Питер Манделсон за амбасадор во САД, и покрај јавните врски меѓу Џефри Епстин и Манделсон.

Во обраќањето пред вработените во Даунинг стрит 10, премиерот Стармер повика на фокус на идната работа на владата.