Дисциплинската комисија реагира на серија прекршувања на натпреварот со Пелистер
Фудбалската федерација на Македонија денеска соопшти дека Дисциплинската комисија отворила постапка против ФК Шкендија поради слабата организација на натпреварот од 20. коло против ФК Пелистер. Инцидентите се однесуваат на насилства врз судиите и фрлање предмети на теренот.
„Се поведува дисциплинска постапка против ФК Шкендија за натпреварот од 20. коло помеѓу ФК Шкендија и ФК Пелистер, поради слаба организација. Во текот на натпреварот од страна на домашната публика биле фрлани метални пари, запалки и пластични шишиња на теренот. Четвртиот судија бил погоден со запалка и метални пари, а кон него бил фрлен и скалпер, кој паднал во негова близина.
По завршувањето на натпреварот, кога судиската четворка се упатила кон соблекувалните, повторно биле фрлани предмети кон нив. Исто така, неслужбено лице влегло на теренот и вербално ги нападнало судиите. Откако судиската четворка влегла во службените простории, истото лице ги следело, навредувало и се обидело физички да се пресмета со нив“, стои во соопштението на федерацијата.
Казни за тренери и фудбалери
Од останатите одлуки на Дисциплинската комисија, казнети се:
-
Баже Илијоски, тренер на ФК Македонија Ѓ.П., забрана за вршење функција во траење од еден месец.
-
Дејан Лескароски, тренер на ФК Струга Трим Лум, забрана за вршење функција во траење од еден месец.
-
Филип Тодороски, фудбалер на ФК Кожуф, забрана за настап на два натпревари.
-
Мартин Богданоски, фудбалер на ФК Новаци, забрана за настап на два натпревари.
