Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски престојува во посета на Сеул по повод учеството на глобалниот состанок за вештачка интелигенција и дигитализација. Настанот се организира под покровителство на Светска банка. За време на конференцијата, Андоновски оствари билатерална работна средба со Сангбу Ким, кој ја извршува функцијата потпретседател на Светска банка за дигитализација и вештачка интелигенција.

Во фокусот на разговорите меѓу двајцата соговорници биле стратешките чекори за продлабочување на партнерството, развојот на националните дигитални капацитети и обезбедувањето стручна поддршка за клучни владини иницијативи.

„Разговаравме за следните чекори во соработката: дигиталните хабови, владината дигитална инфраструктура и развојот на дигиталниот паричник преку m.Uslugi. Во фокусот беа можностите за експертска поддршка и финансирање“, напиша Андоновски.

Андоновски во рамките на дискусијата нагласи дека сегашната фаза бара јасен премин од стратегиско планирање кон конкретни активности на терен. Според него, од клучно значење за земјата е досегашните студии и анализи да се трансформираат во директни капитални инвестиции кои ќе имаат прецизно утврдени рокови и ќе донесат видливи економски и социјални придобивки за граѓаните и за домашниот бизнис сектор.

„Продолжуваме да градиме партнерства за посигурни дигитални услуги, посилна инфраструктура и поширок пристап до можностите што ги носи вештачката интелигенција“, наведува Андоновски.

Претходно истиот ден, македонскиот министер имаше свое официјално обраќање пред високи претставници и делегации од околу 70 држави од светот. Во својот говор тој детално ги елаборираше економските и технолошките перспективи што ги отвора напредната вештачка интелигенција, но воедно предупреди и на потенцијалните ризици и сериозни предизвици што ги носи нејзината неконтролирана или нееднаква примена.

„Не смее да се дозволи богатите држави, државите што се развивиени да имаат поголем пристап до просторот за вештачка интелигенција од помалите. Како држави мораме да вложиме во тоа да го направиме секој граѓанин, секој мал и среден бизнис има еднаков пристап до алатки базирани на вештачка интелигенција, во спротивно можеме да ризикуваме дека јазот помеѓу развиените и помалку развиените држави ќе се зголемува наместо да се намалува“, истакна Андоновски.

Официјалната работна посета на Јужна Кореја, како што најави министерот, ќе биде заокружена со серија дополнителни состаноци со високи експертски претставници на Светска банка. Тие средби ќе бидат исклучиво посветени на тековните и идните проекти од областа на дигитализацијата што се спроведуваат во Македонија.