Јавното обвинителство неодамна информираше дека по кривична пријава оформило предмет кој се наоѓа во фаза на предистражна постапка во врска со градењето кај поранешно „Беко“, односно ТЦ Плаза. Од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) велат дека ваков одговор добиле од Обвинителството, но најавуваат дека будно ќе го следат случајот, иако, како што нагласуваат засега нема да постапуваат туку ќе остават тоа да го направат надлежните институции.

-Ние се обративме до ЈО со прашање дали таму е оформен предмет и дали се постапува по предмет поврзан со градењето на поранешно „Беко“, односно ТЦ Плаза. Оттаму добивме одговор дека ЈО по кривична пријава оформило предмет кој се наоѓа во фаза на предистражна постапка, дека се работи за обемен и комплексен предмет по кој ЈО презема повеќе дејствија, па во таа смисла и прибавува материјална документација, податоци од релевантни институции, врши испитувања на лица и донесена е наредба за вештачење – рече претседателката на ДКСК Билјана Ивановска на средината на овој месец, пишува Република.

Ивановска најави дека будно ќе ја следат состојбата и понатаму дотолку повеќе што, како што нагласи, се информирани дека има донесено решение од градежен инспектор дека станува збор за дивоградба.

Оставаме простор на надлежна институција да си постапува, меѓутоа будно ќе ја следиме оваа ситуација – рече таа и додаде дека засега ДКСК нема подетално да истражува и нема да се предложи оформување посебен предмет поврзан со оваа работа.