До бугарската влада веќе е испратено барање за официјална билатерална средба, но од Софија сè уште нема одговор дали таа ќе биде одржана.

Стигнавме до разговори. Порано нешто што не беше возможно еве, се случи. И уште многу работи ќе направиме што тие не можат ниту во најдобриот сон да ги замислат. Само треба време и трпение. Ова се процеси кога имате квислинзи коишто распродаваат и патриотска влада којашто си ја сака државата и којашто треба да го врати тоа што квислинзите го распродале. Зборувам за СДСМ, овие од ДУИ тоа не ги интересирало ниту пак имале било какви чувства кога постигнувале договор за Македонија, рече премиерот.

Според Мицкоски, пораките од Фон дер Лајен сепак создаваат чувство на охрабрување, особено пораката дека личниот ангажман на Владата и споредбата на реформите покажуваат дека земјава е најдобра во регионот.

Во однос на најавената билатерална средба со бугарската страна, на новинарско прашање дали има повратна информација и што очекува од средбата, како и што би се случило доколку таа биде одбиена, Мицкоски рече дека во таков случај „уште еднаш ќе се потврдат сите оние тези коишто ние ги имаме и за што сме загрижени“, но додаде дека не го очекува тоа.

Не очекувам, не би било паметно да одбијат, но во ред, тоа е нивна суверена одлука, не е тоа наша одлука. Јас добив, би рекол, конструктивен совет од страна на претседателката, да го замолам министерот за надворешни работи и надворешна трговија да побара средба на маргините на состанокот повод Коридорот 8. Јас тоа го сторив, бидејќи ценам дека претседателката апсолутно беше во право кога го предложи тоа. Министерот побара, сега останува на нашиот источен сосед да одлучи што понатаму – истакна Мицкоски.