Рокот за доставување на кандидатите истекува  денеска на полноќ. За многу општини, политичките партии веќе ги објавија своите одлуки кои сe уште не се официјализирани.

ВМРО-ДПМНЕ вчера  објави 8 нови кандидатури, меѓу кои и онаа на Тимчо Муцунски за Аеродром и Александар Јовановски за Кичево. Во меѓувреме, коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива ја разгледува можноста Мазлам Османи од редовите на Алтернатива да се кандидира за градоначалник на Кичево, но конечната одлука ќе биде донесена денеска.

Другата опција е опозицијата да нема кандидат за оваа општина и да го поддржи кандидатот Фатмир Лимани.

Алијансата за Албанците и Алтернатива и ВМРО-ДПМНЕ ја официјализираа поддршката за независниот кандидат за Град Скопје, Данела Арсовска.

Владејачките политички партии ги објавија повеќето од своите кандидати. Нивните гласови во првиот круг во Општина Тетово ќе одат за четворицата кандидати, од СДСМ, ДУИ, БЕСА и ДПА. Тие најавија дека ќе се поддржуваат меѓусебно во вториот круг, против кандидатите од опозицијата.

ДИК во понеделник ќе ја добие втората пратка од 950 уреди за идентификација на гласачите преку отпечатоци од прсти.