Комисијата за заразни болести во понеделник ќе треба да процени дали тестовите се вистинска мерка со која ќе може да се заштитиме од ширењето на делта сојот на коронавирусот, кој веќе се рашири низ Европа, и дали има потреба од воведување нови мерки во однос на заштита на границите.

Инаку, Министерството за здравство најмногу е фокусирано на вакцинацијата, а министерот Венко Филипче очекува до петок следната недела да бидат вакцинирани околу 500 000 граѓани.

– Поделени се сите вакцини, согласно бројот на пријавени граѓани. Во вторник ќе заврши вакцинацијата на сите пријавени граѓани во сите градови, освен во Скопје, Тетово и Битола. Во овие три градови ќе се вакцинираат сите пријавени граѓани до петок следната недела. Што значи вкупната бројка на вакцинирани граѓани ќе биде околу 500 илјади, изјави Филипче во текот на вчерашниот ден.

Тој потенцира дека теренска вакцинација ќе се интензивира следната недела и ќе придонесе да се вакцинираат жителите кои се хронично болни и помалку подвижни, а кои живеат во оддалечените места околу големите градови.

Во однос на вакцинирањето на трудниците и доилките, ставот на Стручниот комитет е дека за нив треба да се преферира вакцината на „Фајзер“.

– Нема контраиндикација за ниту една вакцина, но се дава предност на „фајзеровата“ вакцина, рече Филипче.

Според последниот извештај на Министерството за здравство, вакцинирани се вкупно 346 836 граѓани. Вкупно се аплицирани 572.176 дози вакцини, а ревакцинирани се 225 340 граѓани.