Денеска треба да се одржи состанок на мешовитиот парламентарен комитет на Македонија и ЕУ. Претставници на комитетот се Соња Мираковска и Андреас Шиле.
Како што е најавено, со европската парламентарна делегација во Скопје треба да дојдат и бугарските европратеници Ангел Џамбаски и Александар Јорданов, како претставници на две различни политички семејства во Европарламентот.
Но, посебен предизвик во актуелниот миг е дали полициските државни власти ќе му дозволат влез во државата на Ангел Џамбаски, кој на 4 февруари, на денот на чествувањето на годишнината од раѓањето на македонската револуционерна икона Гоце Делчев, наспроти најавите, не дојде во Македонија. Исчекувањето е големо, зашто на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев не му беше дозволен влез во државата на 6 мај за да учествува на чествувањето на денот на бугарската армија на гробиштата во струмичко Ново Село.
За потсетување, во пресрет на 4 февруари, на 23 јануари претседателот Стево Пендаровски го свика Националниот совет за безбедност на кој беше донесена одлука да се преземат сите безбедносни мерки за да се спречат било какви инциденти на денот на чествувањето. Дотолку повеќе што претходно, на денот на панихидата на Мара Бунева, Џамбаски и бугарскиот пратеник и претседател на „Преродба“, Костадин Костадинов, среде Скопје излегоа со нивни познати ставови за целосно негирање на постоење на македонскиот народ и видување на Македонија како втора бугарска држава.
Од денешната одлука на граничните полициски власти ќе се види дали премиерот Димитар Ковачевски-Таче ќе ги покаже „болс-от“ или ќе манифестира двојни стандарди во дозволувањето влез во државата на бугарските европратеници, прашува „Пресинг ТВ“.