-Гледам дека СДСМ тера некакви трибини низ Македонија со слоган помалку чуден дека биле најдоброто, кога всушност се најлошото за вашата општина. Форматот по кој ги прават овие трибини е истиот оној какви ВМРО-ДПМНЕ правеше пред 15 години. И тоа секој од вас го знае. Добро е што нешто прифаќаат и решија барем за кратко да излезат од предзнакот салонска партија, но е лошо е што ги згазило времето. На тие трибини сигурно им била замислата да прават отчет па кога виделе дека за тоа треба и нешто да сработат, а немаат што, еден соработник ми вели доминираат зборовите ќе, ќе направиме, ќе реализираме, ќе, ќе и само ќе… Ветер и магла, типично за оваа власт. Времето ги гази, тие нека си се лажат, а ние ќе работиме – ја искритикува работата на владејачката СДСМ лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски на денешното одбележување на 31 роденден на ВМРО-ДПМНЕ, кое се оддржа во Антички амфитеатар во Охрид.

Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ во наредниот период ќе ги посети населените места и градови каде ќе зборува за политиките. Вели слоганот Македонија за сите луѓе ќе ја остварат преку нивните политики кои ќе ги објаснат и соопштат – политики за сите луѓе.

-Ќе зборуваме кои ќе бидат темелите за нашите решенија кои ќе ги понудиме. Кои се основните принципи преку кои ќе ја закрепнеме економијата. Дека мора да завладее правото за да имаме економија, дека потребна е реална поддршка на иновациите, малиот и среден бизнис. Да инвестираме во know-how, да правиме ефективна и ефикасна соработка со бизнис заедницата во интерес на сите граѓани, да се бориме за секое едно работно место и да создадеме десетици илјади нови работни места.
Во здравството фокусот ни е во знаењето и инвестирањето во капацитетите на докторите и нивното знаење. Мораме да направиме здравство кое ќе биде достапно за сите, буквално за сите, затоа што животот на секој еден човек вреди, а Македонија е за сите луѓе. Дека фокусот во земјоделието мора да биде во решавањето на проблемот со откупот на тутунот, грозјето, раноградинарските производи, јаболкото.
Во образованието мора да се крене квалитетот, не преку експерименти, туку со примена на технологии и знаења. Енергетиката мораме да ја воскреснеме, а таа е иднината на нашата земја, не она енергетика која вчера ја слушнавме од Зоран Заев дека ќе затворал во Битола, ќе затворал во Кичево. Ние ќе отвораме, ќе отвораме енергетика каде што луѓето ќе можат да работат и каде ќе можат да ги ранат своите семејства, Македонија ќе биде увозно независна држава од електична енергија. Инвестициите во оваа сфера се инвестиции во траен капитал за иднината на земјата.

Младите да ги задржиме тука, да се избориме заслужено преку реформи и стандарди да бидеме членка на ЕУ. Тоа не е недостижно затоа што со крадењето на Заев видовме каде стигнавме, сега е време да покажеме до каде има да стигнеме со жестокото темпо на работа кое е карактеристика на ВМРО.
Мора народот да ја види другата слика за политичарите во државата. Мора да види дека доаѓа нова генерација на политичари која не должи никому и чиј мотив е само Македонија.
Мора да направиме обединување на знаењето и капацитетите, па да се стави во погон најдоброто од нашата земја. Ја претставив новата политичка стратегија на ВМРО-ДПМНЕ „Македонија за сите луѓе“ која обединува и во која секој е важен. Подадов рака затоа што Македонија тоа го бара од мене, на секој еден од вас. Неминовно е обединувањето на опозицискиот блок и тој процес кој што е веќе започнат го официјализираме од денес, па набргу очекувајте конкретни резултати – рече Мицкоски.