Поддршка за младите таленти: Инвестиција во иднината
Министерството за спорт и годинава традиционално ги додели стипендиите „Спортска надеж“ на 500 талентирани млади спортисти, македонски репрезентативци. Церемонијата се одржа вечерва во Македонската опера и балет, во рамки на манифестацијата „Спортист на годината 2025“.
„Еден од приоритетите на Министерство за спорт со поддршка од Владата, е да создадеме систем што ќе ги препознава и ќе ги поддржува младите таленти“, истакна министерот за спорт Борко Ристовски.
Вложување во здрави генерации и национална гордост
Ристовски посочи дека „вложувањето во младите спортисти е најсигурната инвестиција што една држава може да ја направи – инвестиција во здрави генерации, во национална гордост и во меѓународни спортски успеси“.
Тој упати порака до стипендистите и до сите млади спортисти да бидат истрајни на својот спортски пат и да го следат примерот на своите претходници, со сигурна поддршка од државата.
„Ја исправивме долгогодишната неправда со измени во законот и доделување на национално признание на сите оние спортисти кои што во изминативе 20 години ја претставуваа државата во Европа и во светот. И токму тие што се вечерва присутни со нас, токму тие треба да бидат пример за тоа како се бори, како се игра и како се преставува својата татковина Македонија. Токму тие треба да бидат пример на овие 500 млади спортисти – стипендисти на Министерството за спорт“, порача Ристовски.
Финансиска поддршка за македонските репрезентативци до 20 години
Преку проектот „Спортска надеж“, државата обезбедува финансиска поддршка за спортисти на возраст до 20 години кои се членови на националните селекции во сите спортови. Овој систем има за цел да ја поттикне истрајноста, развојот и меѓународните успеси на македонските млади таленти.
