Во Управата за водење матични книги, денеска деца и возрасни граѓани од ромска припадност кои не постоеја никаде во системот, за првпат добија извод на родени. Кај децата радост, кај родителите солзи на настанот на кој изводите ги доделуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерот за правда Кренар Лога и други. Овие лица за првпат ќе добијат права како сите останати во државата.
Ковачевски кажа дека државата реши проблем стар 30 години.
„Конечно, овие наши сограѓани ќе ги добијат основните човекови права: за социјална и здравствена заштита, за брак, вработување, бидејќи сега веќе не се надвор од пазарот на трудот, право да извадат картички во банка, потомците да им бидат заведени без проблем во Матичната книга на родени, а потоа и на венчани, и најважно, децата да им бидат запишани во редовниот образовен процес“, рече Ковачевски.
Од 526 досега неевидентирани, денеска извод на родени добија 409 лица, а 117 ќе бидат впишани до крајот на годината.
Ковачевски ги пофали невладините и ги замоли ако има уште вакви преостанати граѓани кои ги нема никаде во системот, да ги најдат, за и тие да бидат впишани во Матичната книга на родени и да ги добијат натаму сите права.
Министерот за правда Кренар Лога кажа дека со нашето решение во Законот за матична евиденција, со кое нема веќе невпишани граѓани родени тука во Македонија, сме први во Европа и втори во светот.
Ковачевски побара аплауз за пратеничките Соња Мираковска, Љатифе Ашиковски и Снежана Калеска-Ванчева, кои по безуспешните обиди да се заврши работата со неевидентираните лица во Македонија, на крајот поднесоа амандмани и го решија проблемот преку Министерството за правда и Собранието.