Задоволен сум од соработката со ТАВ Македонија и сите општини кои аплицираа за договорите, а плод на ова трипартитно партнерство се вкупно 94 инфраструктурни проекти кои се директно насочени кон секојдневните реални потреби на граѓаните во вредност од 49,7 милиони евра што во наредниот период ќе се реализираат во 75 општини низ целата земја, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на доделувањето на третата последна група договори од ТАВ програмата за инфраструктурни проекти.

Со вкупно 35-те договори за реализација на инфраструктурни проекти во 32 општини, како и за подобрување на условите на терминалите на Скопскиот и Охридскиот аеродром во вкупна вредност од 22,3 милиони евра што денеска беа врачени, предвидено е да се реализираат 14 проекти од комуналната инфраструктура, 10 за улици и патишта, седум за водоснабдување, два за реновирање на домови и еден за изградба на мост.

-Со денешниот настан успешно го комплетираме процесот на доделување на договорите и следува периодот на нивна реализација. Сигурен сум дека ТАВ и сите општини ќе вложат напори сите проекти да се реализираат со предвидената динамика. Во целата земја ќе се спроведуваат инфраструктурни проекти за да бидат подобро поврзани нашите населени места и да имаат квалитетно и континуирано водоснабдување. Ќе го зголемиме квалитетот на комуналните услуги, ќе обезбедиме повисоко нивоа на заштита на животната средина, ќе се работи на училишни згради, болници, домови на култура, младински центри, домови за стари лица, …, рече Битиќи и додаде дека на тој начин граѓаните ќе добијат поквалитетен живот во местата во кои живеат.

Со тоа, потенцира, покажуваме дека мислиме на сите независно каде живеат во државата.

-Граѓаните имаат потреба од квалитетна комунална инфраструктура и тоа е предизвик кој како Влада се нафативме да го надминеме со сериозен пристап и ангажираност. Во таа насока во оваа трета група ќе се реализира проект за изградба на канализациски линии во Вевчани, ќе започне изградба на примарна и секундарна канализација во селото Орман во Ѓорче Петров, ќе се гради фекална канализација во село Лешани,…, посочи Битиќи.

Нагласи дека досега во ист момент немало толкав обем на реализација на проекти наменет за вистинските потреби на граѓаните.

Во одговор на новинарско прашање истакна дека во 2017 година во земјава имаше покриеност од само 17 отсто со канализациски мрежи, а сега со проектите кои се реализирани и се во тек покриеноста достигна до 31 отсто. Најави дека Владата и понатаму ќе финансира вакви проекти и ги повика градоначалниците да подготват проектна документација и да аплицираат за средства.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак нагласи дека денеска се потпишуваат договорите за 35 проекти во вредност од 22,3 милиони евра, што е трет дел од вкупно 49,7 милиони евра што се пренаменети наместо да се изгради карго-аеродром во Штип.

-Од овие 35 проекти, 34 се проекти на општините, додека еден е проект за инвестиции на двата македонски аеродроми во вредност од 14,7 милиони евра, рече Батак.

Меѓу проектите на општините во овој трет пакет, прецизира, има локални патишта, водоводи, канализации и други видови градежни работи за општествено значајни проекти кои, како што кажа, ќе создадат поголема вредност за луѓето и за целото општество.

-Како општествено одговорна компанија, ние силно веруваме дека бизнис-инвестициите треба да дадат бизнис-резултати, но и подобрување на животот на македонските граѓани. Среќни сме што сме овде со Владата, како наш партнер, и горди што ја исполнуваме нашата обврска како концесионер на аеродромите, истакна Батак.