Водачот на босанските Срби Милорад Додик во вторникот го обвини НАТО дека е одговорен за ескалацијата на тензиите на Косово, тврдејќи дека членовите на КФОР таму го нападнале „голоракиот народ“.
„Реакцијата на припадниците на КФОР кон голоракиот српски народ кој го брани своето право да живее на Косово е сосема несоодветна“, напиша Додик на својот Твитер профил, коментирајќи ги судирите од понеделникот меѓу локалните Срби на северот на Косово и припадниците на меѓународните мировни сили.
Претседателот на Република Српска сега тврди дека тоа е доказ дека КФОР не ја гарантира безбедноста на локалните Срби и дека меѓународната заедница ја сноси целата одговорност за насилството на Косово. Додик ја даде оваа изјава еден ден откако остро ги осуди САД за наводно провоцирање и заплашување на босанските Срби.
Повод му беше најавата дека два стратешки бомбардери на американското воено воздухопловство ќе летаат над Босна и Херцеговина во вторник и на тој начин ќе го покажат партнерството меѓу САД и вооружените сили на БиХ и посветеноста на САД на суверенитетот, територијалниот интегритет и мултиетничкиот карактер на БиХ.
Два бомбардери од типот Б-1Б Лансер стационирани во Велика Британија учествуваат во заедничка вежба со припадниците на вооружените сили на Босна и Херцеговина, а тоа се авиони со долг дострел кои можат да носат секаков тип на конвенционално оружје и се користени при воздушни напади врз СР Југославија во 1999 година и во операции во Ирак.
За Додик, најавата за прелетување на овие авиони е „бесмислена најава за РС и нејзините граѓани“ што претставува заплашување и брутална репресија и доказ дека Америка „агресијата ја нарекува партнерство“. За разлика од Додик, членот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, ја поздрави вежбата со американските воздухопловни сили, посочувајќи дека повеќе од 70 отсто од граѓаните на БиХ сакаат партнерство со САД.