Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, кој се согласил руските сили една недела да не ги напаѓаат Киев и другите украински градови поради екстремно ниските температури.
Трамп ова го соопшти за време на состанок на неговиот кабинет, нагласувајќи дека лично побарал ваков чекор од рускиот претседател. Според него, договорот се однесува на периодот на најавениот студен бран во Украина.
„Јас лично го замолив претседателот Путин да не пука на Киев и другите градови една недела и тој се согласи. Беше многу убаво. Многумина рекоа: „Не го трошете времето на повик, нема да го добиете“. Но, тој го направи тоа“, изјави Трамп.
Во Киев температурите се под нулата, а за следната недела се најавува дополнителен пад, при што термометрите би можеле да се спуштат до минус 20 степени Целзиусови.
Американскиот претседател оцени дека е постигнат значителен напредок во трилатералните разговори за постигнување мировно решение за Украина. Во процесот учествуваат Москва и Киев, со посредство на Соединетите Американски Држави.
Специјалниот претставник на Трамп, Стив Витков, изјави дека разговорите ќе продолжат за околу една недела. Тој потврди дека првата рунда од преговорите се одржала во Абу Даби, во петокот и саботата минатата недела.
Витков наведе дека прашањата поврзани со безбедносните гаранции од страна на САД за Украина во голема мера се решени. Како што посочи, разговорите сега продолжуваат околу територијалните прашања.
Главна пречка во преговорите, според информациите, е барањето на Москва украинската армија да се повлече од делови на Донбас кои руските сили не успеале да ги освојат за време на речиси четиригодишната војна.
И покрај најавите за пауза, во текот на ноќта три лица биле убиени, а исто толку ранети во руски напад врз областа Запорожје, во југоисточна Украина. Гувернерот на регионот, Иван Федоров, соопшти дека Москва извршила вкупно 841 напад врз 34 населени места.
Во меѓувреме, Кремљ ја повтори поканата до украинскиот претседател Володимир Зеленски да дојде во Москва на мировни преговори. Од Москва соопштија дека досега не добиле официјален одговор од Киев.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека не знае какви безбедносни гаранции САД ѝ дале на Украина. Според него, доколку тие се однесуваат на актуелните украински власти, тешко дека ќе придонесат за траен мир.
„Го слушнав американскиот државен секретар Марко Рубио како вели дека прашањето за безбедносните гаранции е решено. Не знаеме какви гаранции биле договорени, но тие очигледно се гаранции за истиот украински режим што спроведува русофобни политики. И, ако целта е да се продолжи со користење на тој режим како појдовна точка за упатување закани кон Руската Федерација, тогаш ќе сфатите дека таквите безбедносни гаранции тешко можат да обезбедат траен мир“, изјави Лавров, пренесоа агенциите.
