Аеродромите на Црна Гора соопштија дека утринава после 9 часот добиле одредени закани по телефон, поради што се зголемени безбедносните проверки на аеродромите во Подгорица и Тиват, пренесува Вијести.

„Во Подгорица еден авион е вратен на дополнителна контрола. Сообраќајот, сепак, не е запрен ниту во Подгорица, ниту во Тиват. Во случај на нови важни информации, АСГ ќе ја информира јавноста за тоа без одлагање“, соопштија од аеродромот во Црна Гора.

Полициската управа соопшти дека персоналот на аеродромите во Подгорица и Тиват ги известил дека добиле телефонски повици од странски број со заканувачка содржина во однос на безбедноста на леталото.

Полициската управа согласно утврдените процедури презема мерки и дејствија од нејзина надлежност за што јавноста ќе биде навремено информирана“, соопштија од Управата на полицијата.

Поради дојава за наводно поставена бомба, на аеродромот во Подгорица биле испратени антидиверзантски увидни екипи со цел да се отстранат сите сомнежи.

Аеродромските служби им рекле на пилотите на авионот, кој требало да слета во Голубовце и Тиват по 9 часот, да кружат погоре и да чекаат полицијата да заврши со увидот.