Милорад Додик денеска изјави дека неговата цел и натаму е независна Република Српска, тврдејќи дека се создава поволна меѓународна средина за таков процес.

Гостувајќи на Радио Телевизија на Република Српска, Додик, кој е лидер на владејачката СНСД, рече дека ќе продолжи да работи на оваа цел преку мирен политички процес.

– Мојата главна цел, независна Република Српска, не исчезна и сакам да ја постигнам оваа цел преку мирен политички процес користејќи го меѓународниот тајминг што се создава. Република Српска, кога ќе прогласи независност, ќе биде признаена од 15 земји во рок од неколку дена – рече Додик.

Тој наведе дека администрацијата на Доналд Трамп ги укинала санкциите кон него и неговите блиски соработници кон крајот на минатата година, како и дека е поканет на молитвен појадок во Вашингтон.

Во текот на неделата, Додик остварил средби со премиерите на Израел и Унгарија, Бенјамин Нетанјаху и Виктор Орбан, во Ерусалим и Будимпешта. Тој истакна дека добил поддршка од двајцата лидери за неговата политика.

Во интервјуто, Додик ги критикуваше бошњачките политички планови за унитарна Босна и Херцеговина, нагласувајќи дека не се согласува со таква идеја.

– Знаеме какви се напорите на муслиманите во Босна и Херцеговина. Знаеме дека тие направија сè за да ја уништат Дејтонската Босна и Херцеговина и да ја доближат што е можно поблиску до унитарна земја – рече Додик.