На валутните пазари, вредноста на американскиот долар во однос на кошницата валути повторно падна минатата седмица, вторпат по ред, и се симна на најниското ниво во последните пет месеци, бидејќи следната година се очекува намалување на каматните стапки од страна на американската централна банка.

Индексот на доларот, кој ја бележи вредноста на американската во однос на шесте најважни светски валути, минатата седмица се лизна за 0,9 отсто на 101,70 поени, а во еден момент падна и до 101,42 поени, што е најниско ниво од јули годинава. Истовремено, доларот ослабе за 1 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото достигна 1,1010 долари. Од друга страна, доларот порасна во однос на јапонската валута за 0,2 отсто на 142,40 јени.

Падот на индексот на доларот на најниските нивоа во последните пет месеци е резултат на уверувањето на инвеститорите дека американската централна банка (Federal Reserve – Fed) го завршила циклусот на зголемување на каматните стапки, со оглед на постепеното ублажување на инфлацијата и дека следната година ќе следи намалување на каматните стапки.

Голем број од неодамнешните макроекономски показатели ја поддржуваат оваа теза. Минатата седмица, меѓу другото, беше објавена третата проценка на бруто домашниот производ (БДП), која покажа дека американската економија во третиот годинешен квартал пораснала нешто побавно од очекуваното. Забавувањето на растот значи дека и инфлацијата би можела да попушти, па се интензивираа шпекулациите дека Fed би можел да почне да ги намалува каматните стапки веќе во март следната година.

И додека челниците на Fed проценуваат дека следната година трипати ќе ги намалат каматните стапки, најверојатно за 0,25 процентни поени, на пазарите се шпекулира дека следната година каматните стапки може да се намалат дури шест пати, почнувајќи од март.

Иако челниците на Европската централна банка (ECB) велат дека сѐ уште не размислуваат за намалување на каматните стапки, аналитичарите оценуваат дека ECB, како и Fed, го завршила циклусот на зголемување на каматните стапки и дека цената на парите во еврозоната, исто така, ќе се намали следната година.