Во првите две години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ платите и пензиите бележат постојан раст, но значителен дел од буџетските средства и понатаму мора да се издвојува за отплата на старите долгови и каматите. Пратеникот Бојан Стојаноски посочи дека овие наследени финансиски обврски претставуваат сериозен товар врз државната каса.

Стојаноски нагласи дека растот на просечната нето-плата е значаен, а минималната плата во првите две години од актуелното владеење е зголемена за 1.300 денари повеќе во споредба со периодот на владеење на СДСМ.

„Ако ја гледаме просечната нето-исплатена плата, тука сметам дека има навистина голем раст. Во првите две години од нашето владеење, ВМРО-ДПМНЕ ја има покачено минималната плата за 1.300 денари повеќе од СДСМ. Не можеме во ниту еден економски перформанс да се споредиме со СДСМ, а да не сме супериорни“, изјави Стојаноски.

Тој оцени дека економските мерки даваат директни резултати и дека граѓаните ги чувствуваат придобивките преку повисоките плати и пензии во секојдневниот живот, потенцирајќи ги склучените колективни договори и државната помош за стопанството.

„Граѓаните чувствуваат кога ќе отидат во маркет и кога знаат дека двајца пензионери дома имаат 14.000 денари повисока пензија отколку што имаа пред две години. Граѓаните знаат дека 99 отсто од нив имаат склучено колективни договори, со кои во еден мандат платите треба да им пораснат за 50 отсто. Граѓаните знаат и дека, ако работат во приватниот сектор, државата ѝ помогнала на нивната компанија со 250 милиони евра во форма на поволни кредити за да ја зголеми продуктивноста. Преработувачката индустрија расте, а платите се зголемуваат и во приватниот сектор“, рече Стојаноски.

Осврнувајќи се детално на буџетските расходи, пратеникот истакна дека наследените обврски го намалуваат просторот за реализација на нови капитални инвестиции и развојни проекти во интерес на граѓаните.

„37 отсто од вкупниот дефицит, кој изнесува 41,6 милијарди денари, оди за отплата на каматни обврски. Оваа година имаме за 13,5 отсто повеќе средства што треба да ги издвоиме за враќање стари долгови. Тоа се 76 милијарди денари. Во овој момент имаме отплатено 64 милијарди, а до крајот на годината имаме уште 12 милијарди да вратиме. Тоа се пари што некој ги зел, а видовме дека не направил ништо“, изјави Стојаноски.