На вчерашната седница на Централниот одбор на зелената партија ДОМ се дискутираше за актуелната политичка состојба, за активностите на ДОМ на домашен и меѓународен план и за планот на активности на партијата во следниот период.
Ставот на ЦО на ДОМ е дека фокусот на политичко дејствување мора да биде на спроведување на реформите и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. ДОМ останува конзистентен во ставот дека интересот на граѓаните и државата мора да биде пред личните и партиските интереси.
По однос на актуелната тема за проширување на парламентарното мнозинство, за ДОМ од суштинска важност е дефинирањето на програмските приоритети и конкретен план за нивна реализација, а не бројот на министерски и директорски позиции на партијата која претендира да стане дел од мнозинството.
За ДОМ, борбата против корупцијата е клучен приоритет и затоа инсистира на спроведување ветинг на обвинителите, судиите и политичарите, конфискација на нелегално стекнатиот имот и конкретен, транспарентен акциски план и извештаи за спречување на корупција во секоја институција и јавно претпријатие, интензивирање на процесот на дигитализација, како и воспоставување на системот на заслуги при назначување на директори, вработување и унапредување во институциите и јавните претпријатија.
ДОМ инсистира на забрзано спроведување на праведната зелена транзиција од фосилни кон обновливи извори на енергија, усвојување и спроведување на законската регулатива значајна за заштита на животната средина и климата и енергетската демократија.
Како еден од врвните приоритети за ДОМ се истакна и потребата за унапредување на човековите права, особено на жените и маргинилизираните групи.
Приоритет за ДОМ останува промената на изборниот модел со воведување една изборна единица, отворени листи и 50% жени на листите.
Се потенцираше потребата од исполнување на барањето на пациентите со цистична фиброза за обезбедување медикаменти за нивно лекување. За ДОМ е неприфатливо селективно обезбедување на лекот “трикафта” за само 8 од 130-140 болни. Со обзир на високата цена на лекот, предлагаме Министерството за здравство да разговора со производителот на лекот за обезбедување гратис лекови или лекови по пониска цена, како би можеле сите пациенти да бидат опфатени.
По однос на предлогот за амнестија на учесниците во настаните од 27 април, ставот на ДОМ е дека откако ќе го добијат на увид предлог законот, органите на партијата ќе изградат дефинитивен став за овој предлог, но генерален став е дека правдата треба да се спроведува низ правосудните институции, а не со амнестија во Собранието.
Членовите на ЦО на ДОМ, искажаа задоволство и поддршка на Секретаријатот на ДОМ за меѓународна соработка, за активностите поврзани со евроинтеграциските процеси на Македонија и регионот на Западен Балкан, како и за зајакнување на капацитетите на партијата.
На седницата се дискутираше и за активностите и остварувањата на функционерите на ДОМ.