ДОМ ја напушта коалицијата со СДСМ
Централниот одбор на Демократската обнова на Македонија (ДОМ), на седницата одржана на 21 јуни 2025 година, донесе три стратешки одлуки што го редефинираат политичкиот пат на партијата. Одлуките носат нова насока: оддалечување од партиски компромиси и приближување до граѓаните, активизмот и локалните заедници.
Првата и најгласна одлука е дека ДОМ излегува од коалицијата со СДСМ. Од партијата соопштија дека овој чекор е израз на принципиелност и стремеж за заштита на вредносниот интегритет на ДОМ. „Кога политичките процеси стануваат затворени, ние избираме нова насока – самостојна, јасна и идеолошки доследна“, порачуваат од Централниот одбор.
Во соопштението се нагласува дека коалициите имаат смисла само кога се алатка за остварување заеднички вредности, но кога тие вредности исчезнуваат, неопходно е да се тргне по нов пат.
„Коалиција за зелена иднина“ – отворена платформа за граѓански сојуз
Втората одлука го најавува формирањето на иницијативата „Коалиција за зелена иднина“, чија цел е да ги обедини граѓанските организации, младите, студентите, локалните заедници и сите кои се залагаат за еколошка, праведна и европска Македонија. Преку оваа отворена платформа, ДОМ јавно ги осуди одредени коалициони партнери што, како што велат, во два наврати го ограничиле граѓанското право на учество со тоа што ги отстраниле независните кандидати од изборната трка.
„Наместо следбеници, ќе имаме соработници. Наместо игнорирање, ќе градиме инклузија. Наместо партиска привилегија, ќе понудиме автентична поддршка за граѓаните и за нивните идеи“, се наведува во повикот упатен до сите активисти што се борат за зелена транзиција, локална праведност и демократски вредности.
Самостоен настап на локалните избори: без класични партнери, само со граѓански сојузници
Третата одлука на Централниот одбор е настап на претстојните локални избори без партнери од традиционалниот политички спектар. ДОМ најави дека ќе ја активира својата структура, знаење и поддршка само таму каде што има луѓе со идеи, интегритет и силна врска со сопствената заедница. „Наместо компромиси со партнери без визија, ги отвораме вратите само за оние кои ја споделуваат нашата вредносна мисија – зелена, праведна и инклузивна локална политика“, стои во соопштението.
ДОМ ја опиша СДСМ како партија која не го почитува граѓанското право. Затоа не може да биде партнер за иднината. Наместо тоа, партијата избира да биде платформа за автентични граѓански гласови.
ДОМ ќе го слуша граѓанскиот отпор
Со овие одлуки, ДОМ јасно се позиционира како политичка сила што ја слуша улицата и граѓанскиот отпор. „Време е за принципиелна коалиција меѓу политиката и вистинскиот глас на граѓаните. Повикот е отворен – за сите што веруваат во зелена, праведна и европска Македонија“, велат од ДОМ.