Историски успех за Македонија во Шумен

Македонските ученици постигнаа историски резултат на 9-тата по ред Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2025), која се одржа од 29 август до 4 септември во Шумен, Бугарија. По втор пат во историјата на ова натпреварување, македонскиот тим освои златен медал, а овој пат го надополнува и бронзен медал.

Златниот медал го освои Владимир Грчев од Кочани, додека бронзениот медал му припадна на Марко Кренков од Струмица. Тимот го комплетираа и Зоран Илијоски од Кичево и Јаков Грујовски од Скопје. Лидерство на тимот обезбедија Иван Занов и Петар Ковачовски, студенти од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Целогодишна подготовка и поддршка

Учениците беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари организиран од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), кој оваа година се одржа по 36-ти пат. Натпреварите се организираат преку системот mendo.mk, кој е достапен цела година за сите заинтересирани натпреварувачи. Циклусот натпревари годинава беше реализиран со поддршка на ФИНКИ и на неколку општествено одговорни компании: Сорсикс, Нетцетера, Семос Едукација и Винчини.

Официјален домаќин на ЕЈОИ 2025 беше Република Бугарија, а главен организатор на настанот беше Министерството за образование и наука на Бугарија. Настанот имаше за цел да го поттикне интересот за информатика кај учениците до 15,5 години и да им овозможи на најталентираните учесници да ги демонстрираат своите знаења и вештини во програмирањето. На олимпијадата учествуваа 96 ученици од 22 европски земји и две неевропски земји-гости, Саудиска Арабија и Киргистан.

Д-р Миле Јованов, претседател на ЗИМ, истакна:

„Неописливо е чувството кога ученик од Македонија е на сцената меѓу ученици од Полска и Украина, а пред сите останати ученици од останатите 22 земји како Франција, Бугарија, Романија, Хрватска, Унгарија… Огромниот успех на нашиот тим, со освоените медали во ваква силна конкуренција, претставува уште една потврда дека младите македонски ученици поседуваат знаење со кое што може да се носат рамо до рамо со своите врсници од цела Европа, па и пошироко. Постигнатиот резултат е исклучителен показател за квалитетот на подготовката, посветеноста и талентот на нашите ученици, како и за континуираната поддршка која Здружението на информатичарите на Македонија ја дава на учениците преку своите редовни активности. Како пример, непосредно пред олимпиадава со поддршка на општина Кочани и „Бистри умови“ како наша партнерска организација организиравме редовен камп за подготовки на учениците на Пониква. Им честитам на учениците, на сите ментори и волонтери во ЗИМ и на целата држава, за постигнатиот успех.“

Следната, 10-та по ред, Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2026) треба да се одржи идната година во Турција. Македонските ученици ќе учествуваат и на Балканската олимпијада по информатика (БОИ 2025), која ќе се одржи од 25 септември до 1 октомври во Удине, Италија.