Со ребалансот вкупните приходи се планирани на ниво од 222,6 милијарди денари и се за околу 10 милијарди денари или 4,7 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции. Даночните приходи се планирани на ниво од 123,9 милијарди денари односно за околу 6 милијарди повеќе во однос на иницијалниот буџет. Социјалните приходи се во износ од 69 милјарди денари и се за околу една милијарда денари повисоки во однос на планот за 2021 година. Останатите приходи (неданочни, капитални и странски донации) се планирани на ниво од 29,5 милијарди денари.
Вкупните расходи, пак, се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или се повисоки за околу 21 милијарди денари, а капиталните расходи на ниво од 30,5 милијарди денари или за 6,5 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2021 година.
На расходната страна на Буџетот се врши ограничување и сведување на минимум на несуштинските трошења кај буџетските корисници без да се наруши нивното редовно подмирување на обврски.
Дефицитот е проектиран во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 проценти од БДП. Зголемувањето на дефицитот од 4,9 на 6,5 проценти, според надлежните, е резултат на потребата за зголемено финансирање за сетот на економските мерки за справување со последиците од здравствено-економската кризата, а кои ќе се финансираат преку категоријата субвенции и трансфери и преку капитални расходи.
Стапката на инфлација е предвидено да изнесува 2,1 процент.
Со ребалансот се обезбедени финансиски средства за исплата на регрес на годишен одмор согласно Гранскиот колективен договор за државните институции, како и дополнителни средства во здравствениот сектор за активности кои директно придонесуваат во борбата против здравствената криза, а се однесуваат за набавка на лекови и вакцини за имунизација на населението.
Ставовите на власта и опозицијата во однос на ребалансот на Буџетот и во текот на денешната расправа останаа непроменети. За власта, ребалансот е развоен, со повеќе пари за стабилизирање на економијата, а за опозицијата е расипнички, со повеќе пари за предизборен поткуп и партиски вработувања.