Се одржа редовна седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. На партискиот состанок се разговараше за актуелната економско-политичка состојба, енергетските предизвици и активизмот на партиските тела и органи.
Беше разговарано за случајот со Алта банка, при што се нотираше деструктивното делување на опозицијата во насока на рушење на банката и создавање ризик за губење пари на илјадници граѓани. Од партијата посочија дека антидржавното делување на Венко Филипче е во насока на подривање на системот, ширење параноја и саботажа на банкарскиот сектор. Истовремено, беше изразено уверување дека институциите работат и дека ќе се најде соодветно решение со кое ќе се заштитат интересите на банката.
Претседателот Мицкоски информираше за средбата со раководството на коалицијата Вреди. Тој посочи дека на средбата биле дискутирани принципите на коалицијата и идните предизвици во делот на енергетските состојби, додека за кадровските решенија дискусијата ќе продолжи во наредниот период.
Воедно, Извршниот комитет донесе одлука за теренска агенда на координаторите од Извршниот комитет за посета на општинските и месните комитети на партијата.
