Во Собранието денеска на продолжението на 82 седница по скратена постапка се донесоа законите за судска служба, за јавнообвинителска служба како и за извршување санкции.
Како што стои во образложението на законите за судска и за јавнообвинителска служба, основната цел на новото законско решение за судска, односно јавнообвинителска служба е постигнување на еднаквост на вработените во приватниот и јавниот сектор, судската служба како негов дел, со најниските примања преку воспоставување на ист износ на законска минимална плата и скалесто усогласување на останатите плати на судските, односно јавнообвинителските службеници од сите нивоа, како и обезбедување на континуитет на промените на платите во судската администрација во однос на минималната плата на национално ниво, како долгорочна цел.
Истовремено, во рамките на усогласувањето на Законот за судска служба, односно на Законот за јавнообвинителска служба со Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, се врши и зголемување на платите на вработените во судската служба за 15 отсто.
Со двете законски решенија се врши усогласување со Законот за минимална плата во Република Северна Македонија.
Во образложението на Законот за извршување на санкциите стои дека предложените измени на Законот за извршување на санкциите произлегуваат како резултат на усогласување со Законот за изменување на Законот за минималната плата во Република Северна Македонија.
Основната цел на Предлогот е постигнување на еднаквост на вработените во затворската полиција со најниски примања преку воспоставување на ист износ на законска минимална плата.
Претседателот на Собранието ја прекина работата по 82-та седница и најави пауза до 15:15 часот, кога треба да продолжи 51. седница.