–Вакцините од производителот „Фајзер“ кои треба да пристигнат како донација од Република Бугарија, ќе бидат аплицирани за 5 до 7 дена од нивната дистрибуција на пунктовите. Согласно договорот со Република Бугарија, вакцините ќе бидат достапни на 14 септември на нашите пунктови што значи дека има повеќе од доволно време да се искористат и ниедна да не биде уништена. Просекот на дневно аплицирани дози е околу 10.000 вакцини и најголем процент од нив се токму од производителот „Фајзер“, се наведува во соопштението од Министерството за здравство.
Оттаму, како што велат од Министерството, граѓаните може да бидат спокојни дека сите вакцини ќе бидат безбедни и со важечки рок во моментот на вакцинирање.
Министерството за здравство во соопштението изразува благодарност до Владата на Република Бугарија за донацијата и апелира граѓаните масовно да се вакцинираат како би се заштитиле од вирусот.