Откако ќе биде вратен во Собранието, дополнетиот Предлог-буџет оди на пленарна седница, а таму расправата трае пет дена.
Владата на вчерашната седница, од вкупниот број амандмани, прифати 23 во вкупен износ од околу 382 милиони денари.
Со усвоените амандмани се зголемуваат средствата во Министерството за информатичко општество и администрација во износ од 250 милиони денари за реализација на програмските активности на Македонската радио телевизија. Еден милион денари повеќе добива Уставниот суд за избор на нови уставни судии, а зголемување од милион денари ќе има и кај Финансиската полиција.
Со Предлог-буџетот за 2022 година, вкупните приходи се планирани на 238,9 милијарди денари и се за 7,4 проценти повисоки од годинава. Вкупните расходи се планирани во износ од 272,4 милијарди денари, што е за 1,4 отсто повеќе oд 2021 година. Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 отсто од БДП и е понизок за 2,2 процентни поени во однос на проценетиот дефицит во 2021 година. Во Предлог-буџетот за 2022 година за капитални инвестиции се предвидени 37,8 милијарди денари, за околу 27 проценти повеќе во однос на 2021 година.
Министерот за финансии Фатмир Бесими во колумна посветена на Буџетот за 2022 година, истакнува дека клучни приоритети ќе бидат натамошно економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции, заштита на здравјето на граѓаните во се уште присутни ризици од пандемијата, но и поддршка на животниот стандард на населението.
Овој буџет, наведува Бесими, е кроен според „златното правило“ во јавните финансии, односно буџетскиот дефицит е помал од капиталните расходи, што значи задолжување исклучиво за капитални расходи кои достигнуваат највисоко ниво од кој било претходен буџет. Тоа ќе поттикне инвестициски циклус што ќе придонесе за забрзан економски раст, додека преку зелената агенда, поддршката на иновациите и дигитализацијата до одржлив развој и подобар квалитет на живот за граѓаните. Буџетот содржи и програми за поддршка за време на криза, како и јасен тренд на фискална консолидација на среден рок, особено важно ако се има предвид фактот дека со новиот Закон за буџет кој е во собраниска процедура се предвидуваат воведување фискални правила и фискален совет, вели Бесими