Министерството за дигитална трансформација објави дека има значителен интерес кај студентите за ваучерите за набавка на електронска опрема. Повеќе од половината веќе се искористени. Според министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, од досега издадените приближно 40.000 ваучери, 21.000 се претворени во нови уреди. Апликациите продолжуваат до 20 декември.

На новинарско прашање, Андоновски оцени дека проектот е успешен, укажувајќи на метежот и високата побарувачка во продавниците. Тој очекува до крајот на јавниот повик најголемиот дел од студентите да ги подигнат ваучерите. До завршувањето на проектниот рок, 1 јануари, студентите треба да ги реализираат за купување опрема.

Има метеж во продавниците и голема побарувачка, што беше и целта на проектот

– Во последните пет-шест дена имаме намалување на бројот на издадени ваучери. Ова покажува дека студентите кои имаа приоритет веќе ги подигнале. Остануваат уште 15.000 нераспределени и верувам дека најголемиот дел ќе бидат земени до крајот на јавниот повик. Она што ме радува е што 21.000 студенти веќе набавиле електронски уреди со ваучерите. Има метеж во продавниците и голема побарувачка, што беше и целта на проектот – изјави министерот по промоцијата на новата ви-фи зона со бесплатен интернет на Филозофскиот факултет во Скопје.

Одговарајќи на прашања поврзани со инфраструктурните зафати во високото образование, Андоновски најави дека доградбата на зградите на Факултетот за физичка култура (ФФК) и Факултетот за информатички технологии (ФИНКИ) би можела да започне во 2026 или 2027 година. Овие згради се подолго време во фаза на карабина.

Министерството за образование и наука, посочи тој, работи на ревизија на проектот за целосно санација на објектите што се напуштени веќе една деценија. – Се надевам дека по ревизијата ќе започне реновирањето. Очекувам дека тоа ќе почне во 2026 или 2027 година и ќе се заврши до крајот на мандатот – додаде Андоновски.

Во врска со безбедносните протоколи по неодамнешните дојави за бомби во училиштата, министерот повтори дека наставниот кадар и институциите мора да ги користат официјалните електронски адреси, а не приватни. Тие треба да ги почитуваат утврдените процедури.