Најмалку 116 жртви во втората недела од протестите

Сенародните протести во Иран против властите поради влошената економска состојба влегоа во својата втора недела, а бројот на жртвите достигна најмалку 116 лица, соопшти активистичката агенција Human Rights Activists News Agency. Според истите податоци, бројот на повредени надмина 2.600 лица, додека и покрај репресиите и ограничениот проток на информации, демонстрациите продолжуваат низ повеќе градови.

Демонстрации во Техеран и остри пораки од властите

Синоќа демонстранти повторно излегоа на улиците, а собири беа регистрирани и во северниот дел на Техеран. На плоштадот „Пунак“ беа истрелувани огнометни ракети, додека граѓаните удираа во тенџериња и тави, извикувајќи пароли во поддршка на династијата на последниот ирански шах, Мохамед Реза Пахлави, соборен со Исламската револуција во 1979 година. Иранската државна телевизија известува за повредени припадници на полицијата, но не споменува жртви меѓу демонстрантите, кои сè почесто ги нарекува „терористи“.
Главниот обвинител Мохамад Мовахеди Азад изјави дека секој учесник во протестите ќе се смета за „Божји непријател“ (Moharebeh), категорија која според иранските закони предвидува смртна казна.

Меѓународни реакции и поддршка за демонстрантите

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно изрази подготвеност САД да им помогнат на демонстрантите, предупредувајќи дека Вашингтон внимателно ја следи ситуацијата. Поддршка стигна и од американскиот државен секретар Марко Рубио, кој порача дека САД стојат зад „храбрите луѓе на Иран“.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ги повика иранските власти да ги ослободат сите приведени демонстранти и целосно да го вратат пристапот до интернет, додека лидерите на Франција, Германија и Велика Британија изразија длабока загриженост поради насилството. Поддршка упати и принцот Реза Пахлави, кој на социјалните мрежи порача дека демонстрантите го освоиле восхитот на светот со својата храброст.