Вчеравечер објавивме дека „пукна тиквата“ меѓу Данела Арсовска и нејзиниот близок соработник Умејр Муамеди. „Со Али Ахмети мене не можат да ме спојат милијарди а не 60.000 денари, бидејки имам принципи“, напиша Муамеди на Фејсбук статус, а отпосле доби и физички напад, по што се огласија и од МВР.
Умејр Муамеди, сега веќе поранешен соработик на скопската градоначалничка, Данела Арсовска, го пријавил случајот во полиција, потврдија од МВР за „Скопје1“. Тие посочуваат дека трагаат по лицето кое го извршило нападот.
Според информациите од МВР, нападот се случил ноќеска околу 3 часот по полноќ. Истиот е пријавен во полициската станица во Сарај. Од истиот момент е започната потрагата.
„По документирање на настанот ќе биде поднесен соодветен поднесок“, велат од МВР за „Скопје1“.
Умејр Муамеди кој себеси се претставува како близок соработник на скопската градоначалничка Данела Арсовска, прво објави дека повеќе нема да биде дел од нејзиниот тим, а потоа и дека бил натепан. Пред нападот, претходеше статус во кој тој напиша: „Со Али Ахмети мене не можат да ме спојат милијарди а не 60.000 денари, бидејки имам принципи“, а со кој обзнани дека соработката со Арсовска е завршена.
Нападнатиот Муамеди впери прст во Арсовска бидејќи според неговото тврдење, напаѓачот го прашал зошто пишува против скопската градоначалничка.