Педесет и деветгодишниот Рајан Раут е осуден на доживотен затвор за обид за убиство на поранешниот американски претседател и претседателски кандидат Доналд Трамп. Инцидентот се случил на голф терен во Флорида, помалку од два месеца пред изборите во 2024 година.

Во септември минатата година, Раут бил прогласен за виновен за пет кривични дела на судење на кое се бранел сам. По изрекувањето на пресудата, се обидел да се прободе со пенкало во вратот, по што бил веднаш изведен од судницата.

Тој бил уапсен откако агент на Тајната служба забележал цевка од пушка која штрчела од грмушка. Според информациите, Раут пукал кон агентот и се обидел да избега, но бил фатен кратко потоа.

– Злосторствата на Раут несомнено заслужуваат доживотна казна затвор. Тој презеде чекори да го убие еден од главните претседателски кандидати, покажа волја да убие секого на патот и оттогаш не изрази ниту жалење, ниту каење кон своите жртви – изјави судијката Ајлин Канон.

Овој обид за атентат се случил два месеца по друг инцидент во Батлер, Пенсилванија, кога Трамп бил лесно ранет на митинг. Во тој напад загина едно лице, а напаѓачот Томас Крукс бил убиен од полицијата.