Фудбалската федерација на Македонија изрече една од најстрогите казни во историјата на домашниот фудбал за случувањата по финалето во Купот на Македонија меѓу Шкендија и Силекс. Тетовскиот клуб нема да се натпреварува во Купот следната сезона, а ќе мора да плати и парична казна од вкупно 105.000 евра. Санкции заработија и Силекс и Вардар.
Дисциплинската комисија на ФФМ ја казни Шкендија со исклучување од Купот на Македонија за сезоната 2026/27 и со парична казна од 30.000 евра поради одбивањето да ги прими медалите по финалето, како и поради деградирачки однос и непочитување кон официјалните лица.
Тетовскиот клуб доби дополнителна казна од 30.000 евра поради исвиркувањето на македонската химна пред почетокот на финалето, а првите четири домашни натпревари од следната сезона ќе ги игра без публика.
Шкендија заработи парични казни и за уште три прекршоци. Клубот ќе плати 15.000 евра за употреба на пиротехнички средства од страна на навивачите, 10.000 евра за националистички скандирања и 20.000 евра за истакнување транспарент со нацистичка содржина, за кој клубот претходно беше казнет и од УЕФА.
Вкупната парична казна за Шкендија изнесува 105.000 евра.
Ниту победникот во Купот не беше поштеден од санкција. Силекс ќе плати 5.000 евра поради употреба на пиротехнички средства од страна на неговите навивачи за време на финалниот натпревар.
Дисциплинската комисија денеска донесе одлука и за случајот со прославата на фудбалерите на Вардар по освојувањето на шампионската титула во Струга. Скопскиот клуб ќе мора да плати 15.000 евра поради навредливо скандирање на играчите.
Воедно, Дисциплинската комисија поведе постапка против ФК Вардар и поради користење пиротехнички средства на натпреварот од 33. коло меѓу Вардар и Шкендија.
