Руски борбен авион се судри со американски дрон над Црното Море, јавува Би-Би-Си.

Воздухопловните сили на САД беа принудени да го соборат своето беспилотно летало, соопшти американската војска.

Војската соопшти дека дронот вршел рутинска операција во меѓународниот воздушен простор кога два руски авиони се обиделе да го пресретнат.

Во соопштението се наведува и дека „небезбедниот и непрофесионален чин на Русите“ за малку ќе предизвикал пад на еден од борбените авиони и дронот. „Околу седум часот, еден од руските авиони Су-27 го погоди пропелерот на МК-9, поради што американските сили мораа да го соборат МК-9 во меѓународни води. Неколку пати пред судирот, Су-27 фрли гориво и леташе пред МК-9 на несовесен, еколошки нездрав и непрофесионален начин. Овој инцидент, покажува и недостаток на компетентност, покрај тоа што е небезбеден и непрофесионален”, изјави генералот на американските воздухопловни сили Џејмс Б. Хекер , командант на воздухопловните сили на САД за Европа и Африка, се вели во соопштението.

Руски и американски авиони летаа над Црното Море за време на војната, но ова е прва позната таква интеракција, која беше потенцијално опасна и можеше да ескалира во критичен момент од борбите, пишува Си-Ен-Ен.

Соединетите Држави управуваат со беспилотни летала „Reaper“ над Црното Море уште пред почетокот на војната, користејќи шпионски беспилотни летала за следење на областа. Беспилотните летала „Reaper“ можат да летаат до 50.000 стапки, според воздухопловните сили, и имаат сензори и способност да собираат разузнавачки информации и да вршат извидување во долги временски периоди, што ги прави идеална платформа за следење на движењата на бојното поле и во Црното Море, пренесе Б92.