Премиерот Зоран Заев, по минатонеделните смирувачки пораки, сега признава дека земјава ќе се соочи со енергетска криза, но без стратегија како ќе ја поминеме зимата, кога потрошувачката на струја се зголемува.
Енергетска криза има, цените се високи, но владата будно ја следи состојбата и ќе интервенира таму каде што ќе биде потребно – изјави премиерот Заев прашан дали државата е подготвена да го ублажи ударот од енергетската криза и растот на цените на основните прехрамбени продукти.
Заев вели ќе се следи состојбата следните две три недели, по што ќе биле донесени мерки. Но, тој не откри какви, ниту колку пари има на располагање во буџетот за да се ублажи ударот и за компаниите и за ранливите категории граѓани.
До крајот на годината нема да има поскапување на цената на струјата за домаќинствата, велат од Владата, но што потоа не знаат. Премиерот се стави во редот на многу поголеми политички фигури од него, кои, како што вели, немале одговор на тоа прашање.
Премиерот претходно наведе дека владини и надворешни експерти веќе размислуваат за сите нови начини за надминување на енергетската криза, ако се знае дека по Нова Година, според договорот со универзалниот снабдувач, ќе треба да има нови цени за електричната енергија.
До Нова Година ниту Меркел, Макрон, Путин и Бајден не знаат што се ќе се случува. Голем дел од работите се меѓународно поврзани. Ние сме дел од глобалниот отворен пазар. Ќе ги следиме сите случувања на берзата на струјата и другите енергенси – нагласи Заев.
Тој додаде дека и самиот психолошки момент предизвикува спирала на поскапувања и дека ако е потребно ќе се репрограмира и буџетот со ребаланс во Собранието.
Во меѓувреме, бизнисот се жали дека веќе е на удар од повисоки сметки и проблеми во набавката на киловатите и бара да се интервенира за да се спречат ценовните шокови. Итни мерки во справување со проблемот бараат и од Стопанската комора на Македонија.
Инаку, светските аналитичари очекуваат цените да останат високи цела зима, кога побарувачката за греење и струја ќе го достигне врвот. Тоа е лоша вест за сите потрошувачи, кои на крајот, сами ќе сносат голем дел од дополнителите трошоци.
Од почетокот на септември, големопродажните цени на електричната енергија во Германија и Франција пораснаа за 36, односно за 48 отсто. Сега се движат околу 160 евра по мегават час, што е рекордно ниво. Во Британија цените се на огромни 453 евра, во однос на 173 евра пред неколку недели.
Во Шпанија владата усвои итни мерки за да ја ограничи цената на гасот и профитот на комуналните претпријатија. Италијанската влада размислува за начин на пресметување на сметките за струја.
Но, креаторите на политиката нема да можат да ги заштитат потрошувачите од најекстремните влијанија на недостигот од природен гас. Некои аналитичари сметаат дека особено студена зима би можела да предизвика и рестрикции на струјата.