Хрватската полиција годинава евидентирала 54.593 илегални преминувања на границите, што е за 140 отсто повеќе од лани.
Зголемувањето на илегалните гранични премини денеска го коментираше првиот човек на граничната управа на МВР Зоран Ничено.
„Ако бројот е двојно зголемен на западнобалканската рута, тогаш јасно е дека ова „двојно“ доаѓа половина кај нас, половина во Унгарија. Сите тие бараа азил. Тоа кажува многу. Тоа кажува дека шверцерите и мигрантите го познаваат системот на Европската унија, знаат дека со давање отпечатоци знаат има мали шанси да бидат вратени и знаат дека имаат слобода на движење додека се во Хрватска“, рече Ничено.
Коментирајќи го поставувањето на полициски пунктови во Словенија на границата со Хрватска, вели дека тоа е направено за да се смири словенечката јавност.
„Заедно со нашите словенечки колеги анализиравме каде и како луѓето најмногу илегално ја минуваат границата.
Презедовме 445 заеднички мешовити патроли со колегите од Словенија и ги опфативме точките каде што најмногу луѓе нелегално ја минуваат границата“, рече Ничено.
Според него, најголем притисок има врз Бродско-Посавинската жупанија, а потоа врз Карловачка.
„Голем број мигранти со чамци се обиделе да ја препливаат Сава, но и со природни пловечки предмети се фрлиле во Сава… Имавме и неколку удавени, имавме и потрага по исчезнати лица. Страшно е ситуација затоа што не можете ни да ја спречите, а не можете ни да му помогнете“, изјави Ничено.
Направиле се, посочува, само за да ги одвратат мигрантите да не се фрлаат во река, а по големата акција во мај, таа рута била сменета и тргнала кон полициската управа Карловац.