Во врска со обвинувањата за Соравиа, јавниот обвинител никогаш не побарал да дадам исказ. Никогаш не сум имал каква било покана од нив. Покана добив за предметот за концесијата на компанијата „Еверест“, при што на јавниот обвинител му ги дадов исплатите што ги извршивме, значи исплатите што ги направиле, вклучувајќи ја и каматата што е платена за доцнењето со исплатите, изјави Дрин Ахмети, внукот на Али Ахмети и посредникот во продажбата на ТВ Соравиа во центарот на Скопје во интервју за Република.мк.

Против него во Јавното обвинителство се водат две постапки.

„За ТЦ Соравиа немам никаква покана да дадам исказ. Со исплатите за „Еверест“ (концесија за каменолом – н.з.) доцниме секоја година. Ниту еден геодет во декември не може да оди и да изврши мерење. Ова е техничко прашање. Плаќаме во февруари, во март… Каменоломот е на надморска височина од приближно 1.200 метри. Така да, поради таа причина, таму секогаш има снег во овој период од годината тешко е да се изврши мерењето“, вели Ахмети.

Тој има концесија и за уште еден рудник за минерали и не очекува дека ќе бидат покренати обвиненија против неговите фирми.

„Тоа треба да го кажат институциите. Јас им кажав што знам, сведочев за она што го знам, за што бев свесен. Им објаснив дека ова е темелен процес кој вклучува многу луѓе. Ова го вклучува нашиот инженерски кадар, вклучува други ангажирани консултанти кои работат со нас во согласност со законите за минерали. Значи, тоа не е само моja работа, многу луѓе се вклучени. Имаме многу луѓе ангажирани да го следат законот, имаме адвокати, имаме сметководители, сè што треба. И самите ги поканивме институциите да видиме дали сме направиле некакви прекршоци. И тоа е се во таа приказна. Чекаме одлука од обвинителите“, одговори Дрин Ахмети.

За тоа кој е сопственик на зградата на Соравија, дали е тоа Хано Соравија или Ник Наџар Мехмети, Ахмети вели дека работите не биле така едноставни.

„Засега тапијата му припаѓа, и понатаму е на г-динот Хано Соравија. Но ние работиме на договор. Извршивме плаќања кон него и тоа е прашање на процедура, прашање на време на обработка на договорот од различни јурисдикции кои се вклучени во зделката и за неколку недели таа ќе биде затворена и ќе има нов сопственик. Овој сопственик е фонд. Тоа ќе биде структура наречена „Гондолинг капитал“, која е основана од мене, но има многу инвеститори, вклучително и институционални инвеститори. И тоа е целата приказна“.