Бизнисменот Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети, за „Скопје1“ вели дека пиротехниката најдена во неговиот автомобил била легално купена, а не била наменета за никаква препродажба. Тој не смета дека сторил кривично дело, па затоа ќе бие правна битка.

-Во овој момент, нема да коментирам детали бидејќи во тек е истрага и постапка, а мојот правен тим работи на тоа. Можам да го кажам само ова, пиротехниката беше купена легално, а сите други подароци во автомобилот беа за моите внуки и внуци, изјави Ахмети во изјава за порталот „Скопје 1“.

Од Обвинителството пак денеска велат дека се уште се вештачи запленетата пиротехника. Оттаму веќе соопштија дека за настанот е известен јавен обвинител и оти во зависност од фактите кои ќе бидат утврдени со вештачења на пронајдените пиротехнички средства, јавниот обвинител ќе одлучува за натамошниот тек на постапката.

Тој на 30 декември беше приведен во полициска станица откако полицајци го сопреле неговото возило и во него нашле пиротехнички средства.

Во ѓепекот на неговиот „ренџ ровер“ со албански регистерски таблици беа најдени 749 пиротехнички средства. Тој стана познат во јавноста откако стана сопственик на бизнис-центарот „Соравиа“.