Откриени непријавени уреди, плочки и автоделови
Мобилните царински тимови во последните две недели спречиле повеќе обиди за криумчарење најразлична стока. На Табановце, во автобус на релација Брисел–Скопје, биле пронајдени два употребувани фотоапарати SONY и CANON, вредни 87.300 денари, со избегнати давачки од 20.864 денари. Во Гевгелија, пак, биле откриени 662,4 квадратни метри непријавени керамички плочки од Кина, додека кај Блаце цариниците откриле 20 употребувани автоделови за BMW X5 сокриени во пикап возило.
Запленета бренд-стока, цигари и дрога
Во Петровец бил сопрен автобус со турски регистарски таблички, а при контролата во Скопје било утврдено дека компресорот за климатизација бил преправен за криумчарење стока. На Табановце, при личен претрес кај патничка биле пронајдени 2 грама кокаин. Во јавен царински склад биле задржани 1.632 играчки со заштитени марки поради сомневање за фалсификат. На Богородица се пронајдени 11 штеки цигари без акцизни маркички, вредни 12.262 денари, со избегнати давачки од 21.830 денари.
Облека, патики и бижутерија во повеќе случаи
Во патничко комбе на Табановце биле откриени 39 парчиња облека и 3 чанти, вредни 137.000 денари, а на Ново Село биле пронајдени 45 М-ТАГ уреди и една турбина BorgWarner. На Богородица цариниците заплениле 240 пара патики со заштитена марка и 59 машки џемпери, додека на Дојран биле задржани 134 текстилни производи и 232 парчиња бижутерија. На Табановце, во две патни торби, биле пронајдени 57 парчиња облека вредни 98.500 денари. Царинската управа најавува продолжување на засилените контроли.
