Серија тешки кривични дела врз малолетни пациенти и злоупотреба на дрога се предмет на истрага против детски психијатар од Клиничкиот болнички центар во Осиек.
Дрогирал и злоставувал малолетни пациенти
Збор е за 46-годишен детски психијатар, вработен во КБЦ Осиек, кој е уапсен и кривично гонет под сомнение дека извршил повеќе тешки кривични дела, меѓу кои злоставување малолетни пациенти и олеснување консумирање дрога. По завршувањето на кривичната истрага, тој е предаден на надзорникот за притвор, соопшти хрватската полиција.
Полицијата се сомнева дека осомничениот ја злоупотребувал својата позиција во периодот од 2016 до 2019 година, кога на четири пациенти, кои во тоа време биле малолетни, им се обраќал со несоодветни зборови, несоодветно ги допирал по телото и им давал да консумираат дрога.
Истрагата утврдила и дека од 2018 до 2023 година им давал дрога и на возрасни лица, негови познаници – маж и жена, кои денес имаат по 35 години.
Врз основа на наредба на Окружниот суд во Осиек, полицијата вчера извршила претрес во домот на осомничениот, во неговата лекарска ординација и во возилото што го користел. При претресите биле пронајдени и одземени два компјутера, мобилен телефон и значителна количина разни дроги.
Конфискувани се 33 кесички марихуана со вкупна тежина од 213,9 грама, 12 таблети МДМА, хашиш, дополнителни пакувања МДМА во форма на грутки, амфетамин и шприц со 0,5 милилитри непозната содржина.
По завршувањето на истрагата, здравствениот работник е уапсен и против него е поднесена кривична пријава за кривичните дела: Повреда на правата на децата, Блудство, Олеснување употреба на дроги и Неовластено производство и трговија со дроги.
Дирекцијата на Клиничкиот болнички центар во Осиек го отстрани од работа осомничениот детски психијатар.
„Соработуваме со сите надлежни институции. Веднаш по официјалното сознание, дирекцијата постапи во согласност со член 156 од Законот за здравствена заштита и донесе решение за отстранување на работникот од вршење на должности. Со цел заштита на правата на пациентите и бидејќи постапката е во тек, не можеме да дадеме дополнителни детали или да коментираме за конкретните околности на случајот“, објави болницата.
Министерството за здравство ги осуди кривичните дела и порача дека има нулта толеранција за насилство, злоупотреба и криминал во здравствениот систем.
Дрогирал и злоставувал малолетни пациенти
