Адина Михај (31) и нејзиниот партнер Мадалин Думитру (30) дрогирале и ограбувале мажи во Британија, откако Михај се претставувала како сексуална работничка и договарала средби во домовите на жртвите. Во виното им ставале гама-бутиролактон, силен седатив познат и како „дрога за силување“, за да ги онеспособат и потоа да ги ограбат. Двајца од четворицата мажи кои биле дрогирани починале.

Двојката, која потекнува од Романија, во јуни ја признала вината за убиство од небрежност, а денеска била осудена на по 17 години затвор во судот во Оксфорд, објави „Скај њуз“. Михај и Думитру признале и уште два случаи на дрогирање кои не завршиле со смрт.

Починале 80-годишниот Малколм Кинг и 37-годишниот Гери Моуат. Кинг починал на 21 август 2024 година во Багендон, во Глостершир, додека Моуат починал речиси една година подоцна, на 13 јули 2025 година, во Банбери, во Оксфордшир.

Судијката Џастис Брунер при изрекувањето на пресудата рекла дека заедничката намера на Михај и Думитру била „да ја онеспособат секоја жртва и да ја доведат во состојба на длабока несвест“.

„Дозирањето на дрогата било случајно. Зависело од јачината на секоја серија, од количината што сте ја ставиле во пијалакот и од количината што тие ја испиле. Не користевте фиксни дози“, рекла судијката.

„Намерата ви била само длабоко да ги успиете. Да размислевте барем за момент за ризиците, а требаше да го направите тоа, ќе сфатевте дека таквата постапка носи висок ризик од тешки повреди или смрт“, додала таа.

На обвинетите им било објаснето дека според сегашните правила можат да побараат ослободување откако ќе издржат две третини од казната. Сепак, новиот Закон за изрекување казни од 2026 година би можел тоа да го промени, па ослободување би можеле да побараат по издржување на најмалку половина од казната.

Како биле откриени случаите

Полицијата ги поврзала случаите откако било утврдено дека Гери Моуат бил отруен, по што било издадено национално предупредување до сите полициски единици. Така службениците размениле информации и ги поврзале двата случаи.

Форензичките траги по смртта на Моуат ја навеле полицијата на заклучок дека и Малколм Кинг бил отруен. Неговата смрт првично не била сметана за сомнителна поради претходните здравствени проблеми.

Кинг бил пензиониран, богат и оженет маж. На 20 август 2024 година ја контактирал Михај и договорил средба во својот дом истата вечер, додека неговата сопруга не била дома. Следното утро го пронашла жената која му го чистела домот. Покрај него имало празно шише вино и две чаши.

Кинг со години имал проблеми со срцето и вграден пејсмејкер. Со анализа на податоците од уредот, кардиолозите успеале прецизно да ги утврдат околностите на неговата смрт.

И Моуат ја контактирал Михај додека неговото семејство не било дома. Неговата сопруга и синот не биле во куќата ноќта на 12 јули минатата година, кога тој ја контактирал преку платформата „Вивастрит“.

Михај и Думитру потоа допатувале од Илфорд до неговиот дом. Откако Моуат испил вино во кое бил ставен гама-бутиролактон, Михај го оставила во несвест и ја пребарала куќата во потрага по вредни предмети.

Следното утро го пронашле семејни пријатели, кои се загрижиле затоа што тој не им се јавувал.

Обвинителот Џулијан Еванс рекол дека обвинетите дејствувале заедно и дека имале различни улоги во нивниот план. Тој нагласил и дека Михај не им давала никакви сексуални услуги на жртвите.

Михај и Думитру биле уапсени на 31 јули минатата година, а обвинети на 6 август, по смртта на Моуат.

Полицијата стравува дека има уште жртви

Истражителите веруваат дека има уште мажи кои се сретнале со Михај во слични околности и биле дрогирани и ограбени. Полицијата ги повикала потенцијалните жртви да се јават и да ги пријават случаите.

Инспекторот Адам Стејси, кој ја водел истрагата за смртта на Малколм Кинг за полицијата во Глостершир, изјавил дека веруваат оти има и други жртви.

„Веруваме дека има уште мажи кои се сретнале со Михај во слични околности, кои биле дрогирани и ограбени. Ги повикувам тие мажи да се јават во полиција. Сакам да ги уверам дека со нивните пријави ќе постапуваме внимателно и дискретно“, рекол тој.

На судот била пуштена и снимена изјава од деветгодишниот син на Гери Моуат, Алфи, кој зборувал за загубата на својот татко.

„Мојот татко беше смешен, будалест, полн со љубов и шегаџија, секогаш се задевавме еден со друг“, рекол Алфи.

„Ми го уништивте животот и сите планови што ги имавме. Моето семејство сега е уништено“, додал тој.

Сопругата на Гери Моуат, Луиз, исто така им се обратила на обвинетите.

„На 13 јули минатата година нашите животи засекогаш се променија поради тоа што го направивте. Морав да му кажам на мојот осумгодишен син дека татко му починал. Никогаш нема да го заборавам неговиот крик кога сфати дека татко му повеќе го нема. Падна на подот и ме молеше да му кажам дека тоа не е вистина. Целиот пат до дома се возевме држејќи се за раце“, раскажала таа.