Албанија воведува дронови за откривање на сообраќајни прекршоци како дел од новите мерки за зголемување на безбедноста на патиштата. Секој прекршок што ќе биде регистриран од дрон ќе биде веднаш пријавен до најблиската полициска патрола, која ќе го запре возачот и ќе му изрече казна. Според албанските медиуми, со примената на овој систем се очекува бројот на смртни случаи во сообраќајот да се намали за 45 отсто.

Албанскиот министер за внатрешни работи Бесфорт Ламалари соопшти дека наскоро дроновите ќе бидат опремени со камери со вештачка интелигенција и ќе бидат распоредени на националните и главните патишта низ земјата. Како што посочи, станува збор за мерка што се реализира во рамки на иницијативата за безбедност „Безбеден град“ (Smart City).

Тој упати апел до возачите строго да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, нагласувајќи дека ќе бидат санкционирани сите кои со своето однесување го попречуваат движењето на граѓаните и ги блокираат патиштата.

„Неприфатливо е поради неодговорните постапки на некои поединци, да страдаат други кои избираат да ги почитуваат граѓанските норми и сообраќајниот правилник. Правилата се еднакви и мора да ги почитувате сите без никаков исклучок или разлика“, вели Ламалари во видеопорака.

Тој истакна дека повеќе „нема да се толерираат однесувања што го попречуваат слободното движење на граѓаните“.